Вести Македонија Најважни

ДНК-анализата ги откри родителите на Мемет Камбер – се чека на реакција од институциите и постхумно да се исправи системската неправда

ДНК-анализата е завршена, резултатите се ставени на хартија и веќе се испратени во институциите. Идентификациската мистерија е разоткриена – кој е и што е, во случајот со Мемет Камбер.

Три недели поминаа од смртта на деветнаесетгодишното момче. Бирократијата и административните процедури сѐ уште не дозволуваат да почива во мир Камбер. Тој за системот бил анонимус и додека беше жив.

Имал извод, имал државјанство, но не и лична карта. Мајката на Мемет чиешто име е наведено во изводот, всушност не е неговата вистинска мајка, туку е негова тетка.

„Биолошката мајка го има родено ова дете на 14 годишна возраст. И ова не е единствен случај. Плашејќи се од тоа дали смее или не смее да го заведе своето дете во документацијата, ја зема книшката од својата золва и така е и заведено детето. Меѓутоа, во моментот тоа не претставува проблем. Во моментот е проблем на кого да се даде детето. На кого да се предаде телото на детето“, изјави Мухамед Точи – Државен секретар во Министерството за правда во вчерашната Топ Тема. 

Во моментот, две постапки се извесни. Едната постапка е Јавното обвинителство да даде налог и да може детето да се предаде на биолошките родители. Тие се тука, присутни се и институциите имаат контакти со нив. Мемет Камбер живеел заедно со нив.

Надлежните сега од нив ќе ги побараат и одговорите за прикривање на идентитетот на Камбер. Со тоа, нему му било ускратено правото за здравствена нега и грижа, а сега и за достојно испраќање.

„Јавното обвинителство не го задржуваше предавањето на телото, но со цел да се надмине проблемот, ќе постапи за да овозможи утре телото да биде предадено“ велат од ОЈО-Скопје во одговор за Телма.

Другата постапка според државниот секретар во Министерството за правда е помалку изводлива. А, тоа е Управата за водење на матичната евиденција да ги заведе вистинските, биолошки родители во документацијата – нешто за што најпрво треба да се победат и судските лавиринти.

На 24 мај, Мемет побарал лекарска помош на КАРИЛ, откако ненадејно му се слошило. Во болка и во лоша состојба морал да се снаоѓа со туѓа здравствена книшка, бидејќи бирократијата во државата му оспорила да има таков документ за да може да се лекува. Веднаш по смртта, КАРИЛ го има предадено телото во Бутел, со НН-податоци како лице коешто не е познато.

Идентитетот на починатиот Мемет Камбер се утврдуваше со ДНК-анализи, а од МВР за Телма потврдија дека постапиле по сите наредби од ОЈО и обезбедиле услови за да бидат земени примероци за анализа од родителите. Анализите се готови уште од пред една недела, а резултатите веќе се доставени во ОЈО – Скопје. Врз основа на тие резултати, треба да се издаде документ и понатаму лекарски извештај за причината за смртта.

Со тоа би завршила голготата и починатиот ќе може достоинствено да биде погребан речиси еден месец по смртта.

Ако до среда не се најде решение и Мемет Камбер не биде погребан, од невладината „Ромалитико“ најавија протест пред Собранието. Тоа е итно барање, а на маса се и други барања, како што е усвојувањето на потребните законски измени, за пристап до лична карта и други документи, токму за ваквите случаи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе