Вести Македонија Најважни

Арачиновци попуштија, Слупчане сè уште проблем за ЕВН – кражбите на струја остануваат огромен проблем за службите

Каблите испреплетени, бандерите надвиснати над арачиновските улици. Ги има речиси на секој чекор, но за екипите на ЕВН не секогаш се лесно достапни. Вака беше и овојпат, во ова населено место оддалечено 12 километри од центарот на Скопје. Неколку дена по ред, екипите на ЕВН се мачеа да санираат дефект. Отпор пружаа тројца арачиновци, од претходно познати на надлежните заради нелегално користење на услугите на ЕВН.

Во изминатите неколку дена, повеќе од 160 арачиновци беа оставени без струја поради тоа што само неколкумина нивни сограѓани ги спречуваа екипите на ЕВН да отстранат дефект на електродистрибутивната мрежа. Ова не е првпат екипите на ЕВН да бидат спречени во извршувањето на својата работа. Лани на истото место се запали бандера поради тоа што дел од арачиновци нелегално ги користеа услугите на ЕВН.

Осуда за однесувањето на арачиновците кои ги спречуваа ЕВН да работат пристигна и од градоначалникот Ридван Ибраими. Во краток телефонски разговор за Телма тој кажа дека тоа е недозволиво. По речиси една недела, состојбата во Арачиново сега е стабилизирана и се работи на терен, потврдуваат од ЕВН. Дефектот се отстранува, но за екипите сѐ уште стојат проблеми на патот. Не во ова населено место, туку во кумановско с. Слупчане. Таму трае отпорот на населението.

Жителите на Слупчане не дозволиле екипите на ЕВН да работат на реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа и бараат отпис на каматите за да ги платат долговите. Сето ова било пријавено во полиција и од МВР го потврдуваат случајот. Велат дека се постапува по барањата за интервенција или асистенција, согласно закон. Од ЕВН дистрибуција е добиено писмено известување и претставници на ова тело се сретнале со полицајците од СВР Куманово. Ако мрежата не се модернизира, кражбите и натаму ќе останат горлив проблем.

„Сѐ додека корисниците не дозволуваат да се работи, ќе се соочуваат со прекини во снабдувањето и сериозни дефекти како резултат на контуинирани кражби и злоупотреби во мрежата. Дефектите ќе се отстрануваат само доколку се создадат нормални услови за работа“, велат од ЕВН.

Според ЕВН, вкупните годишни загуби поради кражби во село Слупчане изнесуваат над милион евра. 80 отсто од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Откако се скарале, татко без дозвола и го зел 10 месечното бебе на сопругата и го однел во Швајцарија

Kristina Kuzmanovski

Со боксови и клоци ја тепал сопругата поради тестамент – се заканил ако не се врати дома до 22 ч., ќе ја запали куќата

Kristina Kuzmanovski

Започнува „меко“ хиперхлорирање во Гостивар – наредната недела се очекува техничка вода

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе