Вести Македонија Најважни

Пред три години предводеше тим за прва трансплантација на срце – сега д-р Јовев е сменет и обвинет за неработење

Пред три години во Македонија за првпат зачука срце по изведена трансплантација. Тимот го предводеше Сашко Јовев. Круна на неговиот личен професионален ангажман – со овие зборови докторот го опиша достигнувањето.

Неколку години подоцна, пофалбите и убавите зборови се во втор план. Јавноста памети, но министерот за здравство не му признава. Наместо тоа, Меџити, потпишал решение за смена на директорот на Клиниката за кардиохирургија.

Неофицијалните информации говорат дека причина за смената е незадоволство на Меџити за избран датум за отворањето на хибридна сала за операции – настан на кој министерот не можел да присуствува поради приватни обврски.

Во меѓувреме, министерот ја потврди информацијата за смената на Јовев.

„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет и по десет години и немаат никаков резултат. Затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во сѐ друго – јас вака ќе постапам. Ова е само почеток. Ќе видите понатаму дека додека јас сум министер, нема некој да седи шест месеци. Ќе поднесе извештај од тоа што го има сработено“ изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Сите вработени, лекарите, но и целиот медицински и немедицински кадар на Кардиохирургија се едногласни дека разрешувањето на Јовев претставува обид да се урниса една од јавните здравствени установи која ги третира најтешките случаи.

Тие целосно стојат зад долгогодишниот директор. Доктор Јовев за Телма вели дека сѐ уште не го добил решението за смената и ја коментираше изјавата на министерот.

„Слушнав дека министерот најавил такво нешто, но не сум го видел решението за мојата смена. Штом го добијам официјално, ќе се огласам со став. Јас сум хирург којшто оперира 24/7 и обвинувањата дека не работам ништо, се смешни и се целосно неосновани“ вели проф. д-р Сашко Јовев за Телма.

Директорот Јовев со сиот тим зад себе најави прес-конференција за утре напладне.

Неофицијално, сите вработени биле единствени во ставот дека нема да примат нов директор и дека се подготвени за штрајк. За ова испратиле писмо до сите амбасади и до министерот.

Според непотврдени информации, за нов директор се спомена името на доктор Ваљон Асани, интервентен кардиолог од Тетово. Во телефонски разговор за Телма, доктор Асани целосно ја отфрли оваа шпекулација како невистинита. Ниту некој го побарал, ниту пак разговарал за такво нешто, вели д-р Асани.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе