Градоначалниците на Сарај, Блерим Беџети и на Чаир, Висар Ганиу, пратеникот Изет Меџити, поранешниот гостиварски градоначалник Невзат Бејта и Саранда Имери која ја извршуваше партиската функција- секретар за родова рамноправност, според информациите на Телма, веќе не се членови на Претседателството на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ). Муса Џафери, кој исто така е дел од т.н. „Огнена група“, според истиот извор, не се наоѓа на листата.
По синоќешниот состанок, од Централното претседателство изразија жалење за одлуката на петте члена на Претседателството да се самоповлечат, како што се вели во соопштението, одлука која ја донесоа на состанокот 1 април, кога одлучија да делуваат како фракција во партијата.
По соопштението на ДУИ, со писмена реакција излегоа и од Фракцијата, во која се вели дека од медиумите дознале за состанокот и за одлуките, кои како што велат, биле донесени на тајна средба и се нестатурни.
„Не се „самоисклучивме“, туку го напуштивме состанокот (на 1 април) во знак на протест како резултат на непочитувањето и манипулацијата со партискиот статут. Не бевме поканети на состанокот како членови на Претседателството, што претставува повреда на статутот и законските обврски на органите на партијата. Ваквото раководење со партиското тело е самоволно и недемократско. Членовите на Претседателството ги избира Генералниот Совет и само тој може да ги разрешува истите, според законски процедури. Бараме да престане манипулирањето на јавноста преку зборови, сериозно да се внимава на внатрепартиските несогласувања, како резултат на сквернавењето на демократијата, меритократијата и партискиот статут“, се вели во соопштението на т.н. „Огнена група“.
Новинарот Дестан Јонузи, вели дека „огнените“ со тоа што одлучиле дека ќе делуваат како фракција го прекршиле статутот, кој не признава фракција, а тоа значи и напуштање на органите на партијата. Според него тие нема да формираат партија туку ќе го докажуваат легитимитетот на нивната политичка битка.
„Последната одлука на ДУИ е верификација на изјавата на Ахмети дадена на 1 април, но овојпат ги помина и партиските филтри па доби зелено светло од партиското раководство. Изненадување според мене е што од петмината исклучени или самоисклучени не се појавува името на Муса Џафери. Последните остри изјави на Изет Меџити и обвинувањата кон сопартијците само укажуваат дека тој ја продолжи неговата битка со Ахмети, но оценувам дека тој и неговата група нема да имаат храброст ниту ќе формираат политичка партија“, вели новинарот Дестан Јонузи.
Претседателството на ДУИ го официјализираше изборниот процес во ограноците, кој ќе се одржи на почетокот на јули.
Данијела Билбилоска
