Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) жали што пет членови на Централното претседателство ја самонапуштиле партијата. Преку партиско соопштение информираа дека тоа е еден од донесените заклучоци, откако вчера во седиштето во Мала Речица заседаваше Претседателството.
Станува збор за членови на т.н. „Огнена група“ кои пред речиси два месеца одлучија дека ќе делуваат како фракција.
„Централното претседателство забележува и изразува длабоко жалење за одлуката на пет членови на Претседателството да се самоповлечат од Централното претседателство на Демократската унија за интеграција, одлука што ја донесоа на состанокот на ЦО одржана на 1 април 2023 година“, велат од ДУИ.
Изет Меџити, вчера во интервју за „Лајм“, изјави дека ДУИ на таен состанок на Претседателството на кој „огнените“ не биле поканети, донела одлука да ги отстрани од партијата членовите на „огнената група“. Тој за Телма рече дека по денешното соопштение на ДУИ и тие ќе се изјаснат на истиот начин во текот на денот.
Новинарот Дестан Јонузи, вели дека „огнените“ со тоа што одлучиле дека ќе делуваат како фракција го прекршиле статутот на партијата, кој не признава фракција, а тоа значи и напуштање на органите на партијата. Според него тие нема да формираат партија туку ќе го докажуваат легитимитетот на нивната политичка битка.
„Последната одлука на ДУИ е верификација на изјавата на Ахмети дадена на 1 април, но овојпат ги мина и партиските филтри па доби зелено светло од партиското раководство. Изненадување според мене е што од петмината исклучени или самоисклучени не се појавува името на Муса Џафери. Последните остри изјави на Изет Меџити и обвинувањата кон сопартијците само укажуваат дека тој ја продолжи неговата битка со Ахмети, но оценувам дека тој и неговата група нема да имаат храброст, ниту ќе формираат политичка партија“, вели новинарот Дестан Јонузи.
Препукувањата во партијата започнаа уште минатат година кога „Огнената група“ го искажа своето незадоволство.
Данијела Билбилоска
