Барселона се соочува со најголемата финансиска криза во поновата клупска историја и на секој начин се обидува да ја засили екипата и да ангажира нови имиња за следната сезона.
Каталонците во моментов преговараат со Интер за евентуална размена на играчи бидејќи тоа е најевтиното решение.
Барселона одамна посакува во своите редови да го доведе хрватскиот репрезентативец Марцело Брозовиќ и во преговорите со Интер во размена го нуди Френк Кесие кој минатото лето дојде на Камп Ноу како слободен играч.
Кесие беше предвиден како алтернатива за Серхио Бускетс, но репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска игра далеку под очекувањата и поради тоа тренерот Чави е подготвен предвреме да ја прекине соработката.
Италијанските медиуми пишуваат дека веќе е одржан првиот состанок на спортските директори Матеу Алемани и Пјеро Аусилио, но нема информации за евентуален договор.
Барселона уште во текот на јануарскиот преоден рок се обидуваше да ја реализира размената на која Интер беше подготвен, но трансферот пропадна бидејќи Кесие не сакаше да си замине од Камп Ноу.
ФОТО: Игор Паневски
