Вести Култура

Македонскиот театар се соочува со криза на домашни драмски текстови

Македонските театри се соочуваат со недостаток на домашни драмски текстови. Доказ за тоа е МТФ „ Војдан Чернодрински“, кој преку Министерството за култура отвори конкурс за откуп на најмногу три необјавени или неизведени текстови од македонски автори, со кои фестивалот очекува полека да им се врати на корените од пред 50 години. Од МТФ велат дека проблемот е системски и генерациски и дека треба да се решава на повеќе нивоа.

  • Сметам дека треба повеќе да се чита. Треба да се одржуваат повеќе работилници, треба да се откриваат младите автори од страна на режисерите, продуцентите, директорите на театрите. Треба да знаеме за што всушност станува збор и заеднички да ја создаваме таа стратегија за театарот кој што ни недостасува, изјави  Ана Стојаноска- театролог и претседателка на Собранието на МТФ „ Војдан Чернодрински“

Според режисерот Дејан Пројковски кризата на домашните текстови во нашите театри е резултат на запоставувањето на вработените драматурзи, што не е случај со оние кои работат на Западот, а особено во Германија.

  • Ни недостасува поголема соработка помеѓу режисерот и драматургот во секоја претстава, без разлика дали тоа ќе биде домашен или странски автор. Драматургот е всушност тој кој што треба да ги пронаоѓа и да го храни театарот со современи текстови, вели Дејан Пројковски – режисер

А, според Сашо Димоски -драмски писател и актуелен директор на театарот „ Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, од Велес, интересен за поставување е секој текст кој ја одразува кризата во која живееме.

  • Ако нешто само по себе е инспиративно тоа бездруго се кризите. И сметам дека кога веќе имаме ваква општествена парадигма и онаа која произлегува всушност како уметничка парадигма во драмскиот дискурс уште како има што да понуди доколку се занимава со контекстот. Значењето секогаш доаѓа од контекстот, вели Сашо Димоски – драмски автор и директор на театарот „ Јордан Хаџи Константинов- Џинот“- Велес

За 78 години постоење колку што одбележа денеска, во МНТ се одиграни над 100 претстави по текстови од македонски автори од вкупно над 400 постановки и обнови. Според театролот Стојаноска овој е еден од ретките театри во Македонија каде во една година се поставувале еден, два, а некогаш и три претстави по текстови од домашни автори, што не е случај со други театри. Сепак „ Торонто Експрес“ е последната претстава по текст на македонски автор, поставена на малата сцена на МНТ, 2021 година.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија го одбележува 5 мај – Денот на македонскиот јазик

Дејан Дејан

Митрески: Заедно и сплотени против сите предизвици и искушенија

Дејан Дејан

Велигден со пораки за здравје, љубов, меѓусебна почит и обединување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе