Двете малолетнички кои беа пријавени за исчезнати завчера вечерта во Скопје се пронајдени во скопската населба Чаир, потврдија извори од МВР за Телма.
Денеска (01.04.2023) во 13.30 часот на ул.„Џон Кенеди“, кај продажен објект во паркот, од страна на полициски службеници од Полициска станица Бит Пазар пронајдени се малолетничките М.К.(15) и А.А.(12), за кои на 30.03.2023 во вечерните часови беше пријавено дека се оддалечиле. По документирање на случајот, малолетничките ќе бидат предадени на родителите, соопштија од МВР.
По девојчињата, 15 годишната Мелиса и 12 годишната Аниса се трагаше од четвртокот вечерта, откако таткото на Аниса ја пријави за исчезната. Тогаш таткото на Аниса пријавил во полиција таа во четвртокот наутро излегла од дома кон нејзиното училиште „Лирија“ во Чаир, меѓутоа по часовите не се вратила дома.
Претходно денеска дедото на Аниса изјави дека се следи нејзиниот телефон, кој повремено се вклучува и исклучува.
Се следи телефонот, се пушта па се гаси истиот, но тие информации МВР ги има и ние не можеме да ги знаеме. Тоа си знаат од полиција. Ние шетаме натаму-наваму, лутаме, бараме помош. Треба здраво да се фати оваа работа. Се работи за 12 годишно дете, за мојата внука, и таа се плаши самата да отиде во тоалетот за да се бања, а не надвор да излезе сама, рече нејзиниот дедо Сабит Ајро.
На повозрасното девојче, 15 годишната Мелиса, не и е првпат да исчезне. Како што се наведува во билтенот на МВР, таа повеќепати досега се оддалечувала од домот и била враќана назад. Од МВР информираат дека активно работат на пронаоѓање на двете малолетнички.