Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека отвори предмет по допрен глас по новинарските истражувања за огромни приопусти во тендерот вреден 22 милиони евра за надзор и консултации при изградба на Коридорите 8 и 10 Д.
Меѓу контроверзните детали од милионскиот тендер доделен на конзорциумот на италијанската ИРД Инжинеринг е учеството на фирмата Еуро консалтинг на Бранислав Димитријевиќ против кого во Ерменија е покренато обвинение за финансиски злоупотреби на градежен надзор за што сега е избрана неговата скопска фирма.
Во конзорциумот е и Ептиса која неколку месеци имала владина забрана за учество на градежни надзори на патишта и проекти поради незаконски и неетички дејства при своето функционирање. Фирмата извадила нова лиценца само неколку дена пред тендерот.
Третата фирма е Електра солушн која пред да го добие тендерот била фирма за шиење и кроење на долна облека, гаќи и маици. Спорни се и лиценците на експертите за надзор од соседството, но и нивните огромни хонорари предвидени за учество во проектите.
Конзорциумот за надзор всушност има главна улога да го заштити јавниот интерес и да спречи злоупотреби и неефикасно трошење на средства врз главниот изведувач „Бехтел и Енка“ кои со Јавното претрпијатие за државни патишта во владата склучија договор дека ќе изградат 108 километри автопат на двата коридори за 1,3 милијарди евра.
Првите истражувања за контроверзните детали на зделката за надзор беа објавени на почетокот на март, а откако премиерот Ковачевски и вицепремиерот Груби се расправаа со новинарите околу нивните откритија, Обвинителството кое го води Ислам Абази почека 4 недели, но на крајот отвори предмет и истрага.
-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, соопштија од ЈОРМ.
