Се преземаат опсежни истражни мерки за расветлување на случајот со копање на подземен тунел од затвореници за организирано бегство од Идризово, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Не само сега по откривањето, тој процес беше започнат и претходно. Се работи во соработка со јавниот обвинител за организиран криминал и, секако, дека тоа ќе биде еден опсежен случај во којшто, секако, треба да се докаже и учеството на вработените во затворските институции“, изјави Спасовски.
Сознанијата за активностите што биле преземени во затворите, како што рече, МВР ги имало околу два месеца.
„Цело време се работи заедно со Управата за извршување на санкции, Агенцијата за национална безбедност, и во тие рамки се подигна и степенот на обезбедување и во затворот и надвор од затворот. Надлежни се Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, меѓутоа МВР беше секогаш тука за да помогнеме и да не се наруши безбедноста“, рече Спасовски.
Тој порача дека за секој што сторил кривично дело мора да има санкции и одговорност.
