Вести Македонија

Скандал со учебникот полн со дезинформации – авторите се правдаат дека немале можност да ја прегледаат содржината пред печатење

На 93 страница е картата на Македонија. Описот до неа веќе е познат на јавноста, но полн со дезинформации. Учениците едвај дочекаа да добијат во раце испечатени учебници, а сега се доведува во прашање какво знаење ќе добиваат од нив.

Има и други пропусти и грешни информации. Па така, Монт Еверест порасна за 20 километри. Најниската точка – Мртвото море наместо 430 метри, за авторите е позиционирано на повеќе од 1400 метри под нивото на морето.

„Информациите се дека Национална комисија за одобрување на учебниците ќе ја преиспитува содржината на спорниот учебник за петто одделение, по предметот Историја и општество. На него се појавуваат две имиња како автори – Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска.“

Додека од МОН бараат информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник – авторките се правдаат дека немале прилика да го прегледаат материјалот пред печатење. Тврдат дека тој во целост ги задоволува националните стандарди.

Во заедничко писмо се обраќаат до јавноста и велат дека се навредени од критиките за нивната некомпетентност, но и дека добиваат закани на социјалните мрежи.

„Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење. Можеби ќе забележевме дека наместо V век, пишува V век пр.н.е; дека при обработка и едитирање на текстот останала грешка за местоположбата на нашите соседи од исток и запад или за мерните единици. Ако се прочита учебникот и се анализира, педагошки и методолошки, ќе се забележи дека тој во целост ги следи наставната програма, Методологијата за изработка на учебник и Националните стандарди“ велат во дел од своето обраќање, авторките на учебникот. 

На првиот лист од учебникот се запишани и имињата на тројца рецензенти – првиот филтер кој треба да се помине пред да добие конечен „пас“ учебникот и да заврши во рацете на учениците.

Нејасно е како грешките и пропустите поминале незабележано од повеќе страни иако луѓето биле ангажирани за да ја завршат работата. Овие прашања ги поставуваат и дел од просветарите – и бараат одговорност.

„Кога сѐ ќе се земе предвид, станува збор за премногу грешки и поради тоа, ние како Независен синдикат за образование и наука бараме итно повлекување на учебникот. Исто така, бараме министерот да сноси одговорност и да излезе јавно како и ние. Да посочи дали кај него е грешката или кај некој друг. И мора некој да сноси одговорност, направена е голема материјална штета, испечатени се многу учебници, но учениците не се во можност да учат од истите бидејќи има премногу грешки. Ние како наставници не можеме да им кажеме на учениците дека има 50 или повеќе грешки, па тие да ги поправаат“ изјави Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука. 

Овој скандал со учебникот за историја и општество за петто одделение следува веднаш откако започна дистрибуцијата на учебниците – долгоочекувани за учениците. Пробиени беа многу рокови, многу ветувања прекршени, а и на крајот на првото полугодие оваа тема останува актуелна.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двојно убиство во Кратово, приведена 37-годишна жена

Дејан Дејан

Фатмир Лимани за социјална политика, Бесар Дурмиши за економија и труд, Седат Сулејмани заменик министер за култура – Беса ги соопшти своите кандидати за членови во владата

Дејан Дејан

Конечно со своj простор по 77 години кираџии – ДЛУМ го промовира новиот дом во трајна сопственост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе