Вести Емисии Македонија Топ тема

ЕУ ќе воведе еколошка такса од 2026 година, македонските компании имаат три години да најдат механизам за избегнување на давачките и задржување на конкурентноста

Европската унија (ЕУ) од 2026 година ќе почне да наплаќа т.н. јаглеродна давачка при увоз на стоки чие производство е поврзано со високи емисии на CO2. Станува збор за нова регулатива во ЕУ, а дел е од пакетот за борба против климатските промени, во насока на целосно регулирање на пазарот на јаглеродни интензивни производи.

„Европската Унија ја носи таа регулатива затоа што производите кои се произведуваат во неа, а содржат висока емисија на јаглерод диоксид, се веќе оданочени со определена такса преку механизам од 2005 година. Производите, пак, што се увезуваат во Европската Унија од трети земји, во кои спаѓа и нашата држава, практично не беа подложни досега на таков вид на давачки. Логично, увозниците во Европската Унија прибегнуваа на увоз на производи од трети земји, наместо на користење на производи од Европската Унија“, изјави докторка Силвата Мојсовска од Економскиот институт при УКИМ во вечерашната емисија „Топ тема“ на ТВ Телма.

Како причина за носење на таквата регулатива, Мојсовска го нагласи регулирањето на внатрешниот пазар на ЕУ и поттикнување на државите со кои соработува да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид и други стакленички гасови.

„Во 2023 година ќе почне пилот фаза во која ќе се врши пресметување колкави би биле тие оптоварувања, со цел компаниите да можат да се подготват. Ова е важен чекор и многу јасен сигнал дека и другите земји треба да прибегнат кон таа зелена агенда“, додава Мојсовска.

Новата регулатива ќе има големо влијание и на трговските односи меѓу нашата држава и Европската Унија, смета доктор Златко Ветеровски од Царинската управа.

„Македонските компании ќе бидат соочени со еден вид, од почетокот на јануари во 2023 година, известување на колилината на јаглеродна содржина, а од 1 јануари во 2026 година ќе биде воведена некој вид на еколошка такса. За тој период од три години треба да ги најдеме најдобрите механизми како македонските компании да ги избегнат тие давачки и што треба ние да направиме за да ја задржиме конкурентноста. Да не заборавиме дека македонскиот извоз е отприлика 800 милиони евра и тоа е нешто помалку од една десетина од вкупниот македонски бруто општествен производ“, посочува доктор Ветеровски.

Постојат неколку методи за пресметка на учеството на CO2 во процесот на производство на челик и имаме електропечка во која што рециклираме старо железо што нè прави најеколошки производител во однос на другите типови на производство на челик кои што се застапени во Европа и во светот, истакна Петар Јанески од „Макстил“.

„Направивме калкулации на емисијата на ЦО2 во нашето годишното производство според два метода. Тие два метода планираме да ги стандардизираме и кога ќе почнеме од јануари 2023 година да пресметуваме и рапортираме, а од 2026 да рапортираме и веројатно да плаќаме CO2 такса, ќе треба да го стандардизираме начинот и методологијата по кои ќе пресметуваме. Производството во „Макстил“ емитува 0,05 тони CO2 во однoс на еден тон готов производ. Тука имаме три чекори за разграничување колкаво е директното влијание, односно директната емисија што ја имаме како „Макстил“, колку имаме индиректни емисии и колку имаме емисии во однос на суровините и репроматеријалите што сме ги употребиле за да произведеме еден тон челик“, вели Јанески.

Тој додаде дека во електропечката, при топење на старото железо што се рециклира, се користи електрична енергија која може да биде произведена од обновливи извори или од традиционалните.

„Енергијата која што ние ја користиме главно е произведена од термоцентрали, но имаме тенденција да имаме што поголем опсегот на обновливите извори во вкупната количина на електрична енергија. На тој начин ќе го намалиме импактот на CO2 кој што ќе го има врз нашиот финален производ“, дополни Јанески.

Ниту во Европската Унија нема целосна употреба на обновливите извори и во Европката Унија има енергенси кои се произведени од јаглен, од гас, нафта, итн., потенцира министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

„Не велам дека тоа е ОК за нас. За жал, тоа е состојбата. Ние сме свесни дека 70 до 75 отсто од енергенсите ги произведуваме сами, другото го увезуваме. Така било секогаш. Не сме инвестирале доволно како држава. Не зборувам за оваа влада или за другите влади, туку збирно. Уште го користиме РЕК Битола, РЕК Осломеј, за жал сега и ТЕЦ Неготино поради енергетската криза. Нашите амбиции за Парискиот договор се големи, но подготвени сме да ги реализираме и нашите цели се 51 отсто до 2030 година“, истакна министерот Нуредини.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Вин Вин 02.05.2024

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе