Новинската агенција АП пренесе вечерва информација од високо рангиран извор во американското разузнавање дека проектили погодиле фарма во Полска, без при тоа да го именува својот извор.
Според овие информации, проектилите погодиле фарма во близина на границата со Украина а во експлозиите биле убиени две лица.
Портпаролот на владата во Варшава, Пјотр Мулер, засега не ја потврдил оваа информација, додава АП.
„Ова е информациски хаос. Не можам со сигурност ништо да потврдам“ – изјавил за ББЦ висок извор во кабинетот на полскиот премиер.
Официјален Пентагон, соопшти дека ги проверуваат информациите и засега не можат да ја потврдат нивната веродостојност.
„Не сакам да шпекулирам и да влегувам во хипотези. Кога станува збор за нашите безбедносни обврски и членот 5, ние бевме кристално јасни дека ќе го браниме секој сантиметар од територијата на членките на НАТО“ – изјави портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер,
Она што е сигурнп дека вечерва итни седници одржуваат националните совети за безбедност на Полска, но и на Унгарија.
Портпаролот на Орбан, Золтан Ковач, потврди дека во Будимпешта ќе заседава Советот за одбрана, заради информацијата дека руски ракети погодиле село во Полска. Истовремено, рускиот оператор за гасоводот Дружба, Транснефт, соопшти дека властите во Украина го информирале дека привремено го суспендирале транспортот на нафта заради пад во притисокот во гасоводот.
