Вести Македонија

Општините во судир со Владата – бараат промени на енергетските политики, за да нема темни улици и исклучена струја

Не престанува судирот на општините со Владата, за состојбата со електричната енергија. Неколку дена откако властите забранија Град Скопје и општините да основаат јавни претпријатија за уличното осветлување, градоначалниците се редат со критики.

Јакимовски од Карпош ѝ порача на Владата дека направила хаос со струјата. Општината со којашто тој раководи двапати распишала тендер за квалификуван снабдувач со електрична енергија и никој не се пријавил.

„Законите не им се како што треба, а вистинско решение во услови на криза во каква што се наоѓаме ние, еве јас како поранешен министер за економија компетентно можам да им кажам, е да го суспендираат Законот и единствен увозник на електрична енергија да биде АД ЕСМ, а единствен дистрибутер да биде ЕВН. Сите работи коишто ги направија, ги направија на штета на јавните претпријатија, на институциите, на локалната самоуправа и очекувајте дека сите тие ќе влезат во страшен дефицит и по завршувањето на зимата ќе има исклучување на електрична енергија. Токму тоа и нѝ се случи во Општина Карпош, да бидат исклучени училишта“ вели Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош. 

Додека градоначалниците критикуваат, министрите ги бранат мерките. За нешто плус може да се разговара, но веќе донесените одлуки ќе се спроведуваат, вели новиот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов.

Тој денес се сретна со градоначалничката на Град Скопје, Арсовска, за бројните проблеми на општините, но по неа – сам излезе да даде изјава за медиумите.

„Владата си има своја логика на постапување затоа што таа ја субвенционира струјата, таа ги билансира трошоците и мора да се следат тие инструкции. За нешто екстра, може да се разговара, но за постојната електрична енергија треба да се следат правилата на Владата за да се користи бенефицирана цена на електрична енергија“ изјави Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. 

Владата треба да мисли и за општините, без разлика од која партија се градоначалниците бидејќи граѓаните се тие коишто се засегнати. Ова е ставот на експертот за енергетика, Сања Божиновска, која смета дека постои начин како да им се помогне на општините.

Вели дека иако цените на берзите се екстремно високи, владите во целиот регион наоѓаат механизми како да ги заштитат граѓаните, фирмите и општините од ценовните шокови.

„Постои законска регулатива со која се овозможува претпријатијата да бидат на регулиран пазар, во согласност со Законот за енергетика. Многу општини формираа претпријатија во согласност со законот, со цел да заштедат и да се солвентни. Нереално е една сметка за електрична енергија да е еднаква на 12 месечни сметки од минатата година. За Владата да биде одговорна, едно од решенијата е ЕСМ да обезбеди електрична енергија за општините, со цел да се справат сите со оваа криза“ е ставот на Сања Божиновска, експерт и консултант за енергетика. 

Претходно, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, најави 80 милиони евра грант за Македонија како итна помош за справување со енергетската криза.

Според градоначалникот на Карпош, овие пари нема да бидат доволни ниту само за проблемите на локалната самоуправа, а не на државата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе