21 октомври е датумот кога шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, на техничкиот шефот на бугарската дипломатија, Никола Милков, лично ќе му го пренесе ставот дека не е негова работа да кажува кои називи се прифатливи да се користат во Македонија, а кои не се, откако Милков пред три дена направи таква споредба меѓу имињата на Цар Борис Трети и на Јосип Броз Тито.
„Недозволиво е мешање во внатрешните прашања на Република Северна Македонија. Се надевав дека тоа ќе му го кажам во Прага, но не успеавме да се видиме поради сплет на околности. Меѓутоа, ќе се видиме во Берлин на 21 октомври каде истото ќе му го пренесам и на него“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Најавно на средбата и темата со Милков во Берлин, Османи денеска го испорача својот став за користењето на името на Цар Борис Трети од бугарски здруженија во земјава.
„Е основа за раздор и нетрпеливост и оттука сметам дека, да е провокација. Дури, ќе одам и подалеку, мислам дека е на штета на интереисте на бугарската заедница овде Кој тоа им го руши имиџот и овде пред граѓаните и пред меѓународната заедница преку имиња кои се широко прифатени како спротивни на вредностите кои што ги споделуваме, не можам да кажам“, вели Османи.
Османи е на став дека самата бугарска заедница во земјава треба да рефлектира дали некој свесно или несвесно го саботира обидот на државата да ја реафирмира нејзината позицијата во земјава, како посебна заедница, и тоа во период кога се очекува и нејзино впишување во Уставот.
За протестите во Охрид при вчерашното отворање на клубот „Цар Борис Трети“ шефот на дипломатијата смета дека не можат да бидат злоупотребени против Македонија од страна на Бугарија во пристапниот процес на земјава во Европската унија, бидејќи, како што рече, полицијата делувала превентивно и не дозволила екслација на протестите. Сепак, побара внимателност, за овој случај понатаму да не се корисит за говор на омраза кон бугарската заедница што пак реално може да и наштети на земјава.
И за премиерот Димитар Ковачевски, отворањето на клуб по ликот и делотот на „Цар Борис Трети“, е провокација, но одговор за тоа треба да се бара од македонски граѓани кои стојат зад Клубот, а не од Бугарија.
„Го осудувам отворањето на клуб со такво име, меѓутоа мора да бидеме свесни дека тој клуб го имаат отворено македонски граѓани. Така, ако треба некому да му реагираме тоа е на македонските граѓани кои што живеат во нашата држава, кои што треба да имаат чуство за граѓаните кои што имаат резерва спрема тоа име, спрема таа личност. Тоа е единствено провокација на мала група на луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Република Бугарија“, изјави Ковачевски.
Инаку освен што се знае дека лицата кои стојат зад формирањето и вчерашното отворање на Клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид се македонски граѓани, нема информации колку од нив имаат бугарски пасоши, но и како се финансира Клубот „Цар Борис Трети“.
Во контекст на користењето на вакви контроверзни историски имиња како називи на клубови, Ковачевски денеска ги повика сите пратенички групи во Собранието и еврејската заедница во земјава, да се вклучат во измените на Законот за граѓански здруженија, кој, како што рече, досега бил премногу либерален
Тамара Грнчароска
