Вести Најважни Свет

Јапонија на нозе, севернокорејска ракета прелета над северот од земјата

Севернокорејската ракета која утрово прелета над јапонска територија и заврши во водите на  Тихиот Океан ја зголеми загриженоста во светот во и онака зовриената атмосфера на тензии и конфликти. Јапонија утрово го подигна нивото на борбена готовност, а во северните делови на земјата се огласија и сирени за предупредување од воздушен напад.

Ова го прават за да не заплашат, бидејќи Јапонија и САД одржаа заеднички вежби, вели Такехиса Танака жител на Токио.

 

Се чувствував исплашена. Ако нивната технологија е подобрена, тоа значи дека тие работат на тоа секојдневно, изјави студентката Амане Хонда.

Ќе беше огромен проблем доколку паднеше во Аомори или во кој било дел од нашата земја. Чувствувам дека Северна Кореја станува очајна и би можела да направи било што, додава Јуичиро Камаја канцелариски работник.

Јапонското министерство за одбрана ги подигна и своите ловци за да го пресретнат проектилот, издаде известување за евакуација, а земјата донесе и привремена одлука за суспендирање на железничкиот сообраќај. Новиот тест на комунистичката земја блиска до Русија го оцени како сериозна и непосредна закана.

Без разлика какви се намерите, повторените лансирања на балистички ракети на Северна Кореја се апсолутно недозволиви и не можеме да ја занемариме нејзината напредна ракетна технологија, изјави јапонскиот министер за одбрана, Јасуказу Хамада.

Северна Кореја ги ескалира тестовите на оружје дизајнирано да ги нападне регионалните сојузници на САД, а последниот тест покажа дека располага со оружје кое може да нападне цели оддалечени и над 4.600 километри. Белата куќа соопшти дека американскиот советник за национална безбедност одвоено разговарал со неговите колеги од Јужна Кореја и од Јапонија и биле разгледани сите можности за цврст заеднички одговор.

Неодамнешното лансирање на балистички ракети кои прелетаа над Јапонија претставува сериозна и непосредна закана за безбедноста на Јапонија. Тоа го загрозува мирот и безбедноста на регионот и меѓународната заедница. Тоа е сериозен предизвик за целата меѓународна заедница потенцираше јапонски главен секретар на кабинетот на премиерот, Хироказу Мацуно.

Ваквата непромислена нуклеарна провокација ќе се соочи со решителен одговор од нашата војска, нашите сојузници и меѓународната заедница, изјави претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол.

Реакции пристигнаа и од ЕУ. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел „остро“ го осуди инцидентот, нарекувајќи го „неоправдана агресија“. Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ко Сон Хуи пак не ја коментираше денешната провокација но кратко истакна дека земјата ја поддржува руската анексија на четири украински региони, обвинувајќи ги САД дека применуваат двојни стандарди и се мешаат во внатрешните работи на земјите ширум светот.

Ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, а дел од експертите сметаат дека Ким Џонг Ун го искористи својот зголемен арсенал за да изврши притисок врз Вашингтон да ја прифати неговата земја како нуклеарна држава, признание за кое смета дека е неопходно за да се добие укинување на меѓународните санкции и други отстапки.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екоорганизации бараат Владата итно да ги повлече концесиите за геолошки истражувања во 27 општини – предупредуваат дека се крши законот за минерални суровини

Tea Dimkovska

Расте интересот на читателите за класиците

Дејан Дејан

Левица: Пропадна можноста за суштински изборни реформи, ДПМНЕ и СДСМ си обезбедија 10 милиони евра за политичка пропаганда

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе