Вести Најважни Свет

Путин ги потпиша документите за анексија, Зеленски аплицирал за забрзана процедура за членство во НАТО

Рускиот претседател ги потпиша актите за анектирање на четирите украински региони по одржаните референдуми во нив. Од церемонијата во раскошната златно бела сала „Свети Ѓорѓија“ во Кремљ Путин порача дека таква е волјата на милиони луѓе кои живеат во тие региони, а кои пак историски и припаѓаат на Русија.

Тие избраа да живеат со својот народ, во својата татковина, да ја живеат нејзината судбина, да победат заедно со неа. Вистината е на наша страна. Русија е на наша страна, порача Путин.

Уште од распадот на Советскиот сојуз западот сака да ја види Русија на колена, тврдеше Путин. Обвинувајќи дека западните земји сакаат да ја уништат руската култура, Путин жестоко ги нападна либералните вредости а западните демократии, нарекувајќи ги измамнички и лицемерни.

Наместо демократија има опресија и експлоатација, наместо слобода има поробување и насилство. Целиот униполарен светски поредок во својата суштина е антидемократски и неслободен, тој е измамнички и лицемерен до сржта, обвини рускиот претседател.

За Англосаксонците санкциите веќе не се доволни, туку тие сега прибегнаа и кон саботажа, продолжи Путин, обвинувајќи ги САД дека ги предизвикале експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2.

Организирајќи ги експлозиите на меѓународните гасоводи Северен тек, кои се протегаат низ дното на Балтичкото море, тие всушност започнаа да ја уништуваат европската енергетска инфраструктура. На сите им е јасно кој има корист од ова. Тие што профитираат, секако, го направија тоа, рече Путин.

Откако Москва ги презеде финалните чекори за анектирање уште 15 проценти од територијата на неговата земја, Зеленски од Киев објави дека Украина аплицирала за забрзана поцедура за прием во НАТО.

Ние сме де факто сојузници. Тоа е веќе постигнато. Де факто, ние веќе го комплетиравме нашиот пат до НАТО. Де факто, ние веќе ја докажавме интероперабилноста со стандардите на алијансата. Тие се веќе реалност за Украина, реалност на боиштата и во сите аспекти на нашата интеракција, смета Зеленски.

За членството во НАТО е потребно исполнување на неколку критериуми, како функционален демократски систем заснован на пазарна економија, вклучувајќи и почитување на правата на малцинствата и сигурна контрола на цивилните власти врз вооружените сили.

Последните две земји кои изразија желба да станат членки на алијансата, Шведска и Финска ќе мораат да ја поминат стандардната процедура за прием, што би можело да оди побрзо затоа што сојузниците сметаат дека и двете земји се високо компатибилни со НАТО стандардите. Сепак, дури и во нивниот случај, конечната одлука мора да биде едногласна, а Алијансата е веќе поделена околу евентуалното членство на Украина.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

ДКСК повторно одлучи дека академијата „Павел Шатев“ ги крши законите со тестирање на кандидати во изборен процес

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 19.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори 2024 – Изборна хроника 19.04.2024.

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе