Џафери е шампион во кршење на Уставот, објаснувањето му е неиздржано и противправно. Работа на претседателот на Собранието не е да толкува Устав, обвинуваат од ВМРО ДПМНЕ, по одбивањето на иницијативата за референдум.
Од опозицијата сметаат дека, Џафери вчера го прекршил чл.24 од Законот за референдум каде стои дека, референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието, односно претходен референдум, како и за одлуки донесени од Собранието, што е дополнителен референдум. Спикерот смета дека не прекршил ништо и има право да го толкува и Уставот.
Џафери ги упати ВМРО ДПМНЕ, ако мислат дека се во право, да побараат толкување од Уставниот суд. Но, тие сметаат дека тоа би било беспредметно, како и поднесувањето на кривична пријава, затоа што нивните пријави никогаш немаат епилог. Владејачките партии, пак, се повикуваат на членот 118 од Уставот, кој предвидува дека Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Се` уште е непознато, дали ќе има нова иницијатива за референдум, по отфрлањето од страна на Џафери. Партиските органи на ВМРО ДПМНЕ дополнително ќе заседаваат за сите правни дилеми и понатамошни чекори.
Далиборка Демјанска
