Кралицата Елизабета втора, британскиот монарх со најдолг период на владеење и еден од столбовите на стабилноста на нацијата која драматично се промени во текот на 20-тиот век почина денеска , по цели 70 години минати на тронот, на возраст од 96 години.
Бакингамската палата соопшти дека кралицата починала во замокот Балморал, нејзината летна резиденција во Шкотска, каде во текот на денот заминаа и членовите на кралското семејство, откако беше потврдено дека здравствената состојба на Елизабета втора се влошила.
Како симбол на поврзаност со речиси целосно изумрената генерација која се бореше во втората светска војна, Елизабета втора беше единствениот монарх кој најголем дел од Британците го паметат.
Нејзиниот 73 годишен син, принцот Чарлс по автоматизам станува крал, иако неговото крунисување и преземање на тронот можеби нема да се одржи и во наредните неколку месеци. Тој ќе го преземе името крал Чарлс трети.
Елизабета втора го презеде тронот 1952-та година по смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ 6-ти. Беше крунисана на 2-ру јуни 1953-тата година на возраст од 27 години. Децениите кои следуваа донесоа огромни промени, со колапсот на Империјата во некогашните колонии и драматичните промени во британското општество и неговите ригидни норми во текот на 60-тите години.
Во промените услови, британските историчари оценуваат дека таа ја реформирала монархија, фокусирајќи се повеќе на присуство на јавни настани и средби со своите поданици.
За тоа што се случи во текот на 70-те години на нејзино владеење, може да се издвојат крајот на Студената војна и британското влегување а потоа и излегување од Европската Унија.
Елизабета втора како шеф на британската држава, во согласност со правилата на уставната монархија, во текот на своето владеење соработувала со дури 15 британски премиери, започнувајќи со Винстон Черчил и завршувајќи со Лиз Трас, на која и го додели мандатот пред само неколку дена.
Со британските премиери во текот на своето владеење таа не престанала да одржува средби еднаш неделно.
Од бракот со својот сопруг, Принцот Филип, Елизабета втора имаше четири деца. Нивниот прв син Чарлс е роден 1948-та година, потоа принцезата Ана, родена две години подоцна, принцот Ендрју 1960-тата година и принцот Едвард во 64-тата година. Од своите деца, Елизабета беше баба на 8 внуци и прабаба на 12 правнуци.
Нејзиниот живот го одбележаа и повеќе приватни но и јавно споделени трагедии. Во 1992-та година, која Елизабета втора ја нарекуваше анус хорибилис или ужасна година, во пожар беше уништен замокот Виндзор, приватна резиденција но и палата на британските монарси, додека со развод завршија и три бракови на нејзините деца.
По трагичната смрт на Дијана, принцезата од Велс, во сообраќајна несреќа во Париз во 1997-та година, кралицата беше и критикувана во јавноста заради нејзиното двоумење да и се обрати на јавноста. Во 2002-та година Елизабета го прослави својот златен јубилеј, 50 години од владеењето, но длабока сенка на прославите фрли смртта на нејзина мајка.
Но и покрај се и длабоката дебата во британското општество за иднината на монархијата, милион британци се собраа пред бакингамската палата за прославата на јубилејот на кралицата.
Во 2011-тата година, таа беше и прв британски монарх која престојуваше во официјална посета на Ирската република, настан од огромно историско значење.
Една година подоцна, во посета на Северна Ирска, Елизабета втора се ракуваше и со поранешниот командант во Ирската републиканска армија Мартин Мекгинис, во обид да го помогне помирувањето меѓу ирските католици и британските протестанти и ројалисти.
Никола Илиевски
