Шефот на дипломатијата Бујар Османи утре ќе ги посети претставниците на македонската заедница во Албанија за да разговара со нив по последните притисоци од Бугарија пред претстојниот попис и тврдењата дека во Албанија живее бугарско малцинство алудирајќи на населението во Пустец, Голо Брдо и Гора.
Македонските здруженија и друштва јавно реагираа дека во последниот период се соочуваат со константен притисок за да се попишат како бугари односно за нивна асимилација.
„Ние работиме со македонскот национално малцинство во Албанија подолго време преку различни форми, преку комуникација и асистенција. Јас веќе имав коуникација со нив и се договоривме утре јас ќе ги посетам Пустец како и новиот граничен премин „Џепиште – Требиште каде штои исто така живее македонско национално малцинство. Секако во договор со нив. Ќе ги посетам Општините и училиштето, ќе имам комуникација со граѓаните и нивните здруженија, во текот на целиот утрешен ден за да ги слушнам нивните забелешки за да видиме што може да помогнеме во комуникација со република Албанија“, изјави Османи
Околу последната изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по антимакедонските ставови и провокаторски и навредливи изјави, дека „зад Деве Баир живее ист народ поделен со вештачка граница, Османи му реплицираше дека тоа е вистина само ако мисли на трите илјади граѓани кои на последниот попис се изјаснија како Бугари.
Изјавата ја окарактеризираше како провокација но без прецизен одговор дали ќе се превземе нешто односно дали ќе биде испратена протестна нота.
„Можеби има право во делот на трите илјади Бугари кои живеат во Северна Македонија, тие се еден народ. Така да треба да објасни дали мисли на тоа. Инаку се друго е апсолутно провокација и невистина. Така да ако мисли на трите илјади бугарско малцинство да, и ќе се обидеме да ги имаат сите права и можности како сите други граѓани “, рече Османи.
Шефот на дипломатијата денеска го презентираше сработеното во изминатите две години откако тој е на чело на министерството за надворешни работи. Најголем предизвик во работењето биле односите со Бугарија а клучни постигнувања се усвојувањето на преговарачката рамка, безусловната прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Европската унија и историските прашања кои не влегоа во преговарачката рамка како и напуштањето на како што кажа озогласената рамковна позиција на Република Бугарија и Декларацијата на бугарското собрание кое резултираше со вето.
Огнен Чанчаревиќ
