Вести Македонија Најважни

Училиштата добија свидетелства, децата ќе им се израдуваат веднаш пред почетокот на новата учебна година

Основците и средношколците конечно ќе им се израдуваат на оценките и целиот успех постигнат лани во училишните клупи.

Свидетелства има, најголем дел од нив се доставени во училиштата и во наредните десетина дена ќе се впишуваат оценките и сите други податоци во овие документи, пред да завршат во рацете на учениците.

Од Бирото за развој на образованието сè уште не одговорија на прашањето на Телма – дали се набавени доволно свидетелства за сите деца.

„Согласно информациите од Бирото за развој на образованието, јавната набавка е завршена и оваа недела се врши дистрибуција на свидетелствата до сите училишта, за учениците кои сè уште не ги добиле“, информираат од Министерството за образование и наука.

Деветтоодделенците и матурантите кои завршија тригодишно и четиригодишно образование ги добија свидетелствата веднаш по завршувањето на учебната година, односно уште во текот на месец јуни.

Останатите деца, цело лето чекаат пред да ги добијат свидетелствата коишто некогаш се доделуваа веднаш по почетокот на летниот распуст.

Доказ за постигнатиот лански успех, учениците на ден или два пред почетокот на новата учебна година.

Досега безброј пати директорите на училиштата информираа дека немаат информации и дека сè уште не знаат кога ќе ги добијат свидетелствата кај нив.

Директорите веднаш штом ги примаат свидетелствата, ги проследуваат до наставниците кои имаат обврска да ги напишат рачно или пак да ги испечатат со постигнатиот успех.

„Свидетелства има доволно на број, а има и неколку коишто се вишок за во случај да се направат грешки. Уредно се поделени кај наставниците и дел од нив уште денеска почнаа да ги изработуваат и да ги печатат. Имаме и додаток на свидетелство за активности надвор од наставата, за секој ученик од училиштето и треба и тие да се изработат, како доказ за тоа што го работеле и каде што учествувале учениците“ изјави директорката на ООУ „Аврам Писевски“, Кристина Андриќ Стојановска.

Телма во изминатиот период активно проверуваше во училиштата и одговорот постојано беше ист – свидетелства нема.

Не добивме ниту одговор од фирмата, која доби втор тендер во висина од 8 милиони денари за да ги испечати.

Минатата година во јули тетовската „Арбериа десигн“ прими 5,2 милиони денари, но на барање на Бирото за развој на образованието испорача свидетелства само за деветто одделние, четврта година и оние кои матурирале во трета година.

Нејасно за јавноста остана како оваа тетовска фирма победува на два тендери во низа, и тоа за иста бројка на свидетелства, но за различна цена на чинење.

Лани во јули, „Арбериа десигн“ според склучениот договор требало да ја испорача целата бројка на потребна педагошка документација, или над 300.000 печатени материјали, односно 6,50 денари за едно свидетелство.

На први август оваа година со новиот тендер, Бирото за развој на образованието одново склучува договор со победникот на тендерот за повисока сума, во висина од 8 милиони денари, и тоа пак за цела педагошка документација, или 7,5 денари единечна цена за свидетелство.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Ганц му постави ултиматум на Нетанјаху, илјадници Израелци на антивладини протести во Тел Авив

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе