Вести Македонија Најважни

Русковска суспендирана – поведена е дисциплинска постапка против неа и две нејзини колешки

Обвинителката Вилма Русковска од Организиран криминал и корупција доби суспензија. Таа за Телма потврдува дека е суспендирана од функцијата заради дисциплинска постапка која против неа ја покрена јавниот обвинител Љубомир Јовевски. Деталите кои обвинителството за Телма ги соопшти се дека е поднесен предлог за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители. Се сомневаат дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка. Освен за Русковска, дисциплински има и за нејзините колешки, обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои сепак не се суспендирани.

Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство. Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител, информираат од ОЈО.

Ова следува по поднесувањето на кривични пријави од страна на директорот на финансиската полиција Муареми против Русковска, заради злоупотреба на функцијата и фалсификување службена исправа. Арафат Муареми ја поднесе кривичната пријава за спроведениот претрес во финансиската полиција од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и начинот на кој е постапувано. А претходно директорот на Финансиска полиција кажа дека постапката била незаконска и со низа нерегуларности, за што поднесе претставки и до Советот на обвинители и до Судскиот совет. И обвинителката Русковска има правни оружја на располагање. Во наредните три дена може да поднесе жалба до Советот на јавни обвинители единствено против оддалечување од работното место што е наведено во барањето за поведување на дисциплинска постапка од страна на обвинителот Јовевски. Откако, Советот на јавни обвинители ќе ја прими жалбата на Русковска, може да ја прифати, преиначи или отфрли. Откако, Комисијата за водење дисциплински постапки во обвинителството ќе ја заврши постапакта, против решението и одлуките Русковска ќе има право на жалба, но и жалба пред Советот на јавни обвинители кој ќе го даде последниот збор за тоа дали законски е водена постапката против неа.

За конкретниот случај, од државното обвинителство порачаа дека обвинителите од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализирано одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција – ненадлежно постапувале по кривичната пријaва. Според Русковска, пак, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе