Вести Најважни

Со Бугарија заеднички ќе чествуваме пет историски личности – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Наум и Цар Самоил

МНР конечно ги објави, а членовите на македонскиот тим ги презентираа препораките кои македонско-бугарската Историска комисија ги има усогласено уште во 2019 година за заедничко чествување на пет историски личности – светите браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и Цар Самоил. Обајвени се и препораките за подобрување на учебниците по историја во петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија, кои реципрочно имаат по пет препораки за секој учебник, а кои го опфаќаат периодот на антиката.

Препораките, и за двете страни, се однесуваат за корегирање на досегашното користење на неосновани историографски сугестии за античката историја, недостатоците при користењето на историските карти коишто не соодветствуваат со конкретното историско време и контекст, како и исправање на фактографски непрецизности.

„Препораките воопшто не допираат до идентитетските прашања. Повеќе се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период во образовниот ситем на двете страни и да се избегне националната перспектива, днешната перспектива на современите нации и држави, во антиката“, изјави Драги Ѓоргиев, првиот човек на македонскиот тим во Комисијата.

Учебникот по историја за петти клас во образовниот систем во Бугарија, според препораките, треба да го смени пристапот на датирање на појавата на тракиската култура во антиката, како и презентирањето на териториите на запад од древна Тракија да биде во поширок регионален контекст, со посодржинско претставување на историките процеси кои се одвивале таму.

Се препорачува и поголема прецизност во учебникот во користење на теримините при претставувањето на античката историја, за која досега во учебникот во Бугарија се користел изразот „бугарски земји“. Препораките е тој термин да се замени со поимите „денешни бугарски земји“ и „територијата на современа Бугарија“.

Измена треба да претрпи и користењето на историските карти во учебникот, кои според Комисијата, треба да се користат согласно историскиот контекст и поставените методски цели. Комисијата препорачува на бугарските ученици од петти клас да им се промени презентирањето на другите етнокултурни заедници од тој период, како на пример Дарданците, што треба да биде направено согласно водечките тези во историографијата.

Препораки за учебник по историја за 5-ти клас во Бугарија

  1. Вклучување на поширокиот регионален контекст, особено на териториите на запад од древна Тракија, ќе ги претстави посодржински историските процеси и ќе создаде побогата слика за културно-историското наследство во регионот.
  2. Заради поголема терминолошка прецизност поими како „денешни бугарски земји“, или „територијата на современа Бугарија“, може да бидат посоодветни за употреба во контекст на античката историја, наместо само изразот „бугарски земји“.
  3. Предлагаме повнимателно датирање на појавата на тракиската култура во антиката.
  4. При претставување на некои антички заедници потребно е да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (на пример Дарданците).
  5. Историските карти треба да се користат согласно со историскиот контекст и поставените методски цели.

За македонскиот учебник за шесто одделение по историја се препорачува пак поголема застапеност на проблематиката поврзана со античка Тракија и Тракијците за, подобро запознавање на културно-историското наследство во регионот.

Истовремено, се препорачува да не се користи сугестија за постоење на континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава, како и неоснованите сугестии дека постои континуитет на мисијата на Апостол Павле и средновековните црковни структури кои постоеле на територијата на денешна држава Македонија.

И македонскиот учебник, исто како и бугарскиот по историја, доби препорака картите на античката македонска држава попрецизно да ги претставуваат конкретниот временски период на кој се однесуваат, но и македонските шестооделенци да учат за другите антички заедници и нивните етнокултурни карактеристики.

Препораки за учебниците по историја за 6-то одделение во РС Македонија

  1. Поголема застапеност на проблематика поврзана со античка Тракија и Тракијците ќе придонесе за подобро запознавање на културно-историското наследство во регионот.
  2. Сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам.
  3. Сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република Северна Македонија се неосновани.
  4. Историските карти на античката македонска држава ќе бидат попрецизни доколку соодветствуваат на конкретен временски период.
  5. При претставување на некои антички заедници потребно е да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).

„Овие препораки се препораки кои одат до владата, кои таа треба да ги усвои и понатаму, да продолжи во процесот при пишувањето на идните учебници по историја, авторите кои ќе ги пишуваат наставните единици на кои се однесуваат овие препораки, да ги земат предвид. Се разбира претходно претстои усвојување на овие препораките од владата. Тоа е наша препорака, како понатаму ќе се одвива тоа е во рацете на институциите“, вели Ѓоргиев.

Препораките пак за заедничко чествување на историаки личности, за браќата Св. Кирил и Методиј предвидува тие да бидат претставени како сесловенки христијански просветители. Сепак тоа нема да го исклучи националниот предзнак и чествување на азбуките, како македонска, српска, руска, бугарска и други, кои денес ги користат земјите кои со помош на глаголицата создадена од светите браќа, а потоа и кирилицата, се описмениле.

Комисијата препорачува заедничко чествување и на светите Климент и Наум, како продолжувачи на делото на светите браќа Кирил и Методи, но и за формирањето и продолжувањето на Охридската книжевна школа која во тоа време, како што се наведува, се создава со помош на средновековната бугарска држава, поради што дејците ги прави значајни и за двете денешни современи држави, и Македонија и Бугарија.

„Мислам дека Комисијата направи текстови кои се прифатливи за двете страни, за двете влади, со кои може и верувам, ако бидат усвоени од владата, ќе приоднесат за подобрување на односите на двете држави, на двата народа, уште повеќе што и светите бараќа Кирил и Методиј веќе се чествуваат заедно од двете држави“, смета Ѓоргиев.

За Цар Самоил препораката е дека тој е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешната држава Македонија, но и значителен дел од земјите и населението на Балканскиот полуостров. Според препораката на Комисијата, Цар Самоил и неговата драматична судбина е симбол на заедничката историја на двете современи држави и препорачува негово заедничко чествување и во Македонија и во Бугарија

Инаку Комисијата во моментов, како што информираа нејзините членови, работи на учебникот по историја од шести клас во Бугарија и седмо одделение во Македонија, а следната историска личност за која ќе се разговара, за евентуално, заедничко чествување е Гоце Делчев.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе