Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сѐ е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информациии со јавноста за таа да суди кој е криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа. Обвинителке, ако се земат последните анкети во предвид, довербата на јавноста и не ви е многу наклонета, ѝ одговори на Русковска директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми, откако таа синоќа побара јавноста, странските амбасади, но и европската обвинителка Лаура Ковеши да реагираат на, како што го нарече, загрозувачкиот притисок од Муареми.
Оттука, ја повикувам Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитиријаќи ја во целост функцијата која ја извршува. Негонење на криминал поради притисоци претставува кривично дело, обвинителке. А вашата чест и углед е безпредметно да ги коментирам. Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за „помош”- нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има, напиша Муареми.
Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција синоќа најави дека е подготвена со јавноста да ги сподели информациите кои ОЈО ГОКК ги има и ќе ги обезбеди за лицето за кое се проверува Арафат Муареми.
Јас како обвинител со стаж повеке од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа, кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, почитувањето, ги имам научено од мала возраст од моите родители, кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт, напиша синоќа Русковска.