Вести Свет

Тензично на северот од Косово, сирени во Митровица, блокирани дел од граничните премини

Ескалираат тензиите во Северно Косово, во општините каде живеат Србите. Атмосферата во Косовска Митровица каде се слушаше звукот на сирените за опасност, но минуваа и повеќе амбуланти возила исто така со вклучени сирени, попладнево и во вечерните часови навестува некаква опасност, но засега без некоја конкретна информација што точно се случува.

Тензиите се пренесуваат и на улиците каде дел од српските граѓани од северот на Косово и Метохија излегоа на протест на магистралните автопати, во местата Рударе, Јариње и Зупче каде со барикади го блокираат сообраќајот.

Нема предавање, ова е главната порака на Србите, бесни заради најавата на властите во Приштина дека од утре, 1 –ви август започнува примената на одлуката на владата на Албин Курти за пререгистрација на возилата и личните карти.

Како причина за барикадите, во дел од медиумите и на социјалните мрежи се наведува наводната намера на припадниците на Косовската полиција да ги блокираат приодите кон српските општини.

Од полицијата негираат дека тоа го прават, тврдејќи дека воопшто немаат таква намера.

Тоа што Косовската полиција потврди дека го направила е дека ги затворила граничните премини Јариње и Брњак за патнички сообраќај, откако претходно беа поставени блокади на патот кон овие премини. Во соопштението на Косовската полиција се информираат граѓаните дека треба да ги користат другите гранични премини.

Од мисијата на КФОР на Косово само кусо соопштија дека ја следат ситуацијата и ги прибираат сите информации.

Тензиите дополнително ги зголемуваат шпекулациите кои вирулентно се шират особено преку социјалните мрежи и на одредени интернет сајтови.

Реагираше и српското министерство за одбрана, кое ги негираше, како што се наведува, големиот број дезинформации кои намерно ги пласирала администрацијата во Приштина преку лажни профили, дека наводно дошло до судир меѓу припадниците на војската на Србија и косовската полиција.

Не сме ја преминале административната линија и на ниту еден начин не сме влегле на територијата на Косово и Метохија, тврди Српската страна.

Претходно, денеска во Белград, на драматична прес-конференција, Српскиот претседател Александар Вучиќ, ги замоли Албанците да не тргнуваат во прогон на Србите, од кои пак побара да не наседнуваат на провокациите. Тој ги замоли и претставниците на големите и моќни држави кои ја признале независноста на, Косово, да поведат сметка за меѓународното право и да не дозволат нивните штитеници да предизвикаат судир.

„Тоа е мојата голема молба. Ние ќе молиме за мир и да бараме мир, но веднаш да ви кажам, предавање нема да има и Србија ќе победи. Доколку се осмелат да тргнат во прогон на Србите, малтретирање на Србите, убивање на Србите – Србија ќе победи. Тоа е се што имам да кажам“ – изјави Вучиќ.

Вучиќ оцени и дека ситуацијата на Косово за Србите никогаш досега не била толку сложена и тешка како што е сега.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МВР и денеска ќе издава лични документи до 19 часот

Дејан Дејан

Македонија бира претседател на седми претседателски избори од осамостојувањето

Дејан Дејан

Шекспир и Сервантес во фокусот на Денот на книгата во Скопје – предавања на евроамбасадорот Гир и шпанскиот амбасадор Гарсија на Филолошки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе