Руските сили нападнале денеска со проектили цели во поширокиот регион околу Киев и Чернихив, области кои не биле таргетирани со ракетни напади повеќе недели.
Според украинските власти, руските проектили гаѓале населба во реонот Вишгород, каде властите во Киев тврдат дека немало воени цели туку само станбени објекти. Засега нема информации дали има цивилни жртви во нападот.
Истовремено и гувернерот на регионот Чернихив, Вјачеслав Чаус, изјави дека повеќе проектили биле истрелани од Белорусија кон регионот Хончаривска.
Руските напади во овој дел од Украина прекинаа пред неколку месеци, откако официјална Москва ја пренасочи својата офанзива кон источниот регион Донбас.
Украинската војска продолжува со своја контраофанзива во окупираниот јужен регион Херсон, каде бил уништен клучен мост над реката Дњепар.
Украинските медиуми ја пренесуваат изјава на еден од советниците на Зеленски, кој тврди дека почнала операцијата за ослободување на градот.
Украинскиот план е да се изолираат руските трупи и да им се остават три опции – да се повлечат доколку е можно, да се предадат или да бидат уништени.
Херсон беше првиот град кој го освоија Русите уште во март, но иако Украинците се обидуваат да го вратат под своја контрола, останува нејасно колку тоа реално ќе ја промени ситуацијата на терен. Русите целосно ја освоија провинцијата Луганск, во регионот Донбас. Нивна следна цел е Доњецката област иако факт е дека сега интензитетот на нападите е намален и Москва ги одмора своите трупи по повеќемесечните интензивни борби. Претпоставките се дека следната руска воена цел е регионот Доњецк да биде целосно под контрола на проруските сепаратисти до крајот на август.
Украинскат власт апелираше до жителите на Доњецк кои се уште тоа не го направиле, да се евакуираат, предупредувајќи ги дека може да останат без струја, вода и лекови.
Украинците се охрабрени по пристигнувањето на повеќе хаубици и тешка артилерија од своите западни поддржувачи, но и со таа опрема факт е дека воена предност е на страната на Руската федерација.
Останува да се види и како ќе се спроведе на дело договорот за извоз на украинската пченица од пристаништата на Црното море, кои или се освоени или пак се под опсада на руските сили.
Никола Илиевски
