Шумскиот пожар во американската држава Калифорнија продолжува да се шири, потврдија пожарникарите, кои со надчовечки напори се обидуваат да го стават под контрола и покрај пеколните температури кои го олеснуваат неговото ширење.
Пожарот досега уништил над 6 300 хектари дабова шума и засега не е воопшто ограничен или под контрола, потврдија пожарникарите во Калифорнија. Огнот се шири и во националниот парк Јосемити.
Сепак, проценката е дека ширењето на пожарот не е толку екстремно како претходните денови.
Повеќе од 6000 луѓе досега биле евакуирани а уште неколку илјади имаат наредба да ги напуштат своите домови иако не се сите од нив подеднакво заинтересирани тоа да го направат.
Тука е нашиот дом. Мислам дека мора да направиме се што можеме барем да имаме некаква шанса, вели Џери Кал, добил наредба за евакуација
Дел од жителите на опожарените региони веќе ги изгубиле своите домови, при што имале едвај доволно време да спасат барем неколку предмети.
Имав толку време за да ги земам изводите од матично, документот за армиска служба, фотографијата од родителите, вели Родни Мегвајер, ја изгубил куќата во пожарот
Огнената стихија досега уништила најмалку 10 куќи а дополнителни 3 271 објект, куќи и бизниси се под директна закана од пожарот, потврдија локалните власти.
Во општината Марипоса прогласена беше и вонредна состојба со што локалните власти имаат можност да користат и федерална помош за справување со пожарите.
Големината на пожарот е застрашувачки почеток на сезоната на шумските пожари во Калифорнија, при што надлежните предупредуваат дека комбинацијата на сушата, климатските промени и високите температури ја зголемуваат опасноста од брзото ширење на пожарите.
Поголем дел од Соединетите држави е зафатен со топлотен бран и температурите во неколку десетици држави ќе останат високи, односно до 40 степени целзиусови во наредните денови
Никола Илиевски
