Газпром денеска најави ново драстично намалување на испораката на гас за Европа преку „Северен тек 1“. Рускиот гигант соопшти дека во среда, во пет часот наутро ќе исклучи уште една од двете последни функционални турбини на гасоводот, поради, како што тврди, техничката состојба на агрегатот, со што моменталниот проток на гас ќе се преполови и ќе се спушти на само 20 проценти од капацитетот на „Северен тек 1“.
Германското министерство за економија, веднаш соопшти дека според нивните информации не постојат технички причини за намалување на протокот.
Новата редукција на испораката на гас од страна на Газпром, доаѓа откако минатиот месец компанијата го намали протокот за 60 проценти, а како причина ги наведе санкциите против Русија, поради кои турбината не можела да се врати од Канада, каде што беше на сервисирање. Откако турбината беше вратена од Канада, Газпром комплетно го исклучи „Северен тек 1“ 10 денови, додека траеше нејзината реинсталација.
Последната одлука на Газпром ги зголемува сомнежите во Европа дека ова е стратегија на Москва, за да не можат европските земји да ги наполнат своите залихи на гас пред зимата. ЕУ повеќе време ја обвинува Москва дека ја користи енергијата како политичко оружје, и поради тоа на земјите членки им предложи план за намалување на употребата на природен гас за 15 проценти во периодот од август до март. Планот наиде на жесток отпор од повеќе земји, поради што беше ревидиран и се очекува негово одобрување на утрешниот состанок на министрите за енергетика.
Првичниот план предвидуваше сите 27 земји членки доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти, дури и земјите кои не се поврзани на „Северен тек 1“ и кои директно не зависат од рускиот природен гас. Со новиот предлог се предвидува земјите Ирска и Малта, кои немаат врска со гасоводите на унијата да бидат исклучени, а оние кои имаат големи количини складиран гас, би можеле да имаат пониско ниво на ограничување на побарувачката. Државите кои извезуваат гас, и други земји, би можеле да имаат помали ограничувања. Планот кој претходно го претстави Европската комисија, освен доброволното намалување на потрошувачката на гас за 15 насто, даваше можност во итни случаи, комисијата да може тоа да го направи обврзувачко.
Игор Трајков
