Вести Код Македонија

Фонтана во Мавровка, стар суд во паркот, завод за урбанизам во Карпош- подметнати пожари насекаде, но сторителите не се откриени

6 локации низ главниот град. Иста судбина. Пожар и пеплосување. Речиси идентичен одговор од обвинителство дека истрагата трае или е завршена без откриен сторител.

Во најголем дел станува збор за подметнати пожари.

Како во старите судски бараки во Градскиот парк. Интересна локација за профитабилен градаежен зафат, а при два пожари најдени беа и канистри со мирис на бензин.

МВР ги финиширало своите вештачења, но истрагата не е готова за пожарите кои беа лани во октомври и оваа година во јануари.

Одговор на обвинителството
Пристигнатите вешти наоди од МВР се анализираат, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Некогаш во заводот за урбанизам и архитектура се чуваа макети за развој на Скопје. Градежна маркица за зграда, а руина со остатоци од палеж.

Бараката на некогашниот Завод за урбанизам и архитектура изгоре на 21-ви април 2017-та година, неколку дена пред крвавиот четврток.

За упадот во Собранието има пресуди и затворени, за пожарот се знае само дека бил подметнат.

И дека МВР речиси три години не му одговорило на обвинителството. Близу до Партизанска, до средно училиште и до резервоар за гас.

Одговор на обвинителството
Со вештачење беше утврдено дека пожарот бил најверојатно предизвикан со намерно потпалување. Надлежниот јавен обвинител на 08.08.2019 година издаде Наредба до Министерството за внатрешни работи за утврдување на идентитет на лицето/лицата кои намерно го предизвикале пожарот, како и на точната материјална штета од чиј износ зависи исполнетоста на елементите на конкретно кривично дело. По наредбата се уште се постапува.

Фонтана во Мавровка одамна е отворена и сега има и прв сосед-ординација за пресадување на коса.

Изгоре за први мај 2020-та во полициски час, има снимки дека некој ја потпалил, потоа беше актуелна како дивоградба урната првиот ден на новата влада на Заев.

Сопственикот призна вина и е осуден условно и парично за дивоградба, но обвинителството не успеа да открие кој го подметнал пожарот и пред неколку месеци ја затвори истрагата со резолуција.

Одговор на обвинителството
Донесена е Резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција. Од прибраните докази, не беше утврден идентитетот на сторителот на кривичното дело.

Во Пржино во старото училишште Ѓуро Салај, се уште се чувствува мирис на изгорено и се гледаат остатоци од изгорена текстилна работилница која во време на пожарот била сместена во бараката.

Соседите се сомневаат дека некој ќе го лапне земјиштето за зграда. Изгоре на први април оваа година. Истрагата е отворена.

Одговор од обвинителството
Надлежен јавен обвинител издаде повеќе наредби со цел утврдување на фактите и причините за настанување, меѓу кои и наредба за вештачење на траги од лице место, како и наредба за обезбедување на снимки од видео надзор на околни објекти. Се преземаат и други дејствија по насоки на јавниот обвинител.

Опасниот отпад во „Треска“ стои нерасчистен заради истрагата која сè уште трае

Нема резултати ниту кога ќе изгори државна или локална институција.

Предистрагата за празничниот пожар во Инспекторатот за животна средина, во зградата на стара Комерцијална банка до Камениот мост е речиси на самиот почеток како и на 9-ти септември 2020-та кога пожарот ги избрка од зградата и седиштето на вицепремиерот за евро-интеграции и државната новинска агенција МИА.

Имало случајно или намерно заборавен апарат во зградата, а во инспекторатот изгореа документи за многу еколошки проекти и хонорари.

Одговор од обвинителството
Предметот е во фаза на предистражна постапка. Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби за вештачење со цел да се утврдат причините за пожарот и висината на настанатата штета. По наредбите се уште се постапува. По приемот и анализата на извештаите од наредените вештачења ќе биде донесена одлука за натамошното постапување.

Лани пред Нова година, по промената на локалната скопска власт изгореа и бараките на ЈП Улици и патишта кои се наоѓаа на интересна локација зад Трговскиот центар Буњаковец. Нема виновници, но потврдено е дека пожарот бил подметнат.

Одговор од обвинителството
Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање докази и за вештачења. Од досега прибавените докази, утврдено е дека пожарот бил подметнат, па се постапува за откривање на сторителите.

И така како во антички Рим кога Нерон го запали градот за да изгради поубав, така и во Скопје- подметнувања, заборавени апарати, фрлени чкорчиња- објекти горат, но за разлика од Римското царство, каде е познат подметнувачот- во модерна Македонија сторителите се непознати.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во емисијата КОД на 12.06.2022.

Во истата емисија беше обработена и темата за пожарот во Тетово кога изгоре опасен материјал.

Во КОД таа емисија, е објавена и симулација на цените по нобвите 4 тарифи за струја.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израелска армија: Уште една теренска болница во Газа

Дејан Дејан

Северна Кореја тврди дека оваа година ќе набави нов ракетен фрлач со повеќе цевки

Дејан Дејан

Трамп демантира дека ја предложил Ники Хејли за потпретседател на претстојните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе