Францускиот претседател Емануел Макрон, по синоќешните телефонски разговори со бугарскиот претеседател Румен Радев и со македонскиот премиер Домитар Ковачевски, соопшти дека е подготвен да ги пречека во Париз „кога ќе дојде време“ властите на Бугарија и Северна Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, јави дописникот на МИА.
Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, „веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји“, потсети Елисејската палата по разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
За време на разговорите, Емануел Макрон ја изрази својата „целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на Северна Македонија“. Макрон изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, велат од Елисејската палата.
Премиерот Димитар Ковачевски, вчера изјави дека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но не постои конкретен предлог на маса, додека Скопје и Софија треба да изнајдат решение за отворените прашања.
