Вести Свет

Јужна Осетија одби да одржи референдум за интеграција во Русија

Новите власти на грузискиот проруски сепаратистички регион Јужна Осетија објавија дека одбиваат да организираат референдум за интеграција во Русија, пренесува АФП.

Во претседателскиот декрет, Алан Гаглоев ја истакна „неизвесноста околу правните последици“ од сличен потег што го реши неговиот претходник, Анатолиј Бабилов. Референдумот беше закажан за 17 јули.

Гаглоев укажа и на „недозволивоста на еднострана одлука преку референдум за прашања кои ги засегаат законските права и интереси на Руската Федерација“.

Истовремено, Гаглоев повика на итни консултации со Русија за сите прашања поврзани со поголема интеграција на Јужна Осетија и Руската Федерација.

На 13 мај, властите на Јужна Осетија објавија дека Бабилов потпишал декрет со кој повикува на референдум што ги одразува „историските аспирации“ на луѓето од оваа мала кавкаска територија да се приклучат на соседна Русија.

„Се враќаме дома“, коментираше тогаш Бабилов, додавајќи дека „дојде време еднаш засекогаш да се обединиме“.

„Јужна Осетија и Русија ќе бидат заедно. Ова е почеток на една одлична нова приказна“, додаде Бабилов.

На почетокот на овој месец, сепак, Бабилов не успеа да освои втор „претседателски“ мандат. Русија изрази надеж дека неговиот наследник Гаглоев ќе обезбеди „континуитет“ во односите со Москва.

Јужна Осетија беше во центарот на руско-грузиската војна во 2008 година, по што Кремљ ја призна нејзината независност, како и онаа на друг сепаратистички грузиски регион, Абхазија, и таму постави воени бази.

Соопштението на претседателот Гаглоев дојде на 96-тиот ден од инвазијата на руската армија на Украина, каде лидерите на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск, чија независност беше признаена и од Москва, изразија интерес за интегрирање во Русија.

Грузија, каде што руската офанзива против Украина предизвика бран на солидарност, смета дека е неприфатлива можноста Јужна Осетија да и се приклучи на Русија.

Во август 2008 година, Русија ја нападна Грузија, чија влада се бореше против проруските милиции во регионот, откако тие ги бомбардираа грузиските села.

Борбите завршија за пет дена со прекин на огнот договорен преку Европската унија. Во меѓувреме, 700 луѓе загинаа, а десетици илјади етнички Грузијци се раселени.

Во март, обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, нареди апсење на тројца сегашни и поранешни високи функционери во Јужна Осетија во врска со воените злосторства извршени врз етничките Грузијци.

Обвиненијата против тројцата вклучуваат тортура, незаконско задржување, земање заложници и депортација.

Минатата година Европскиот суд за човекови права пресуди дека Русија е одговорна за кршење на човековите права во војната по 2008 година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) „Спајдермен“ му помогна на немоќно лице да премине улица

Sasko Dimovski

Трамп: Иран е значително ослабен, но и натаму е сериозен противник

Sasko Dimovski

Голем шумски пожар во Франција – eвакуирани над 20.000 луѓе

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе