Само неколку часа откако Финска и Шведска официјално побараа членство во НАТО, Турција ја блокираше дискусијата за нивниот прием, објави Дојче Веле пренесувајќи изјава на анонимни дипломатски извори. Доколку информацијата се потврди како точна, тоа ќе значи остварување на заканата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој порача дека ќе стави вето за приемот на двете северноевропски држави во Алијансата заради нивната наводна поддршка на Курдите.
Побаравме 30 терористи да ни бидат екстрадирани, но Шведска го одби тоа. Не сакате да ни ги предадете терористите, но барате од нас да ви дозволиме да станете дел од НАТО. НАТО е безбедносно тело. Тоа е безбедносна агенција. Затоа ние не можеме да кажеме „да“ на остранувањето на безбедноста од оваа безбедносна организација, порача денеска Ердоган.
Со турското вето паѓатаат во вода надежите на западот, дека процесот на пристапување на овие, во моменталната безбедносна ситуација во Европа, клучни стратешки земји. Според информации од седиштето на алијансата во Брисел, сите амбасадори на земјите членки, освен турскиот, биле подготвени да ја поддржат одлуката за отварање преговори со Финска и Шведска.
Сите сојузници се согласни за важноста на проширувањето на НАТО. Сите се согласуваме дека мораме да бидеме обединети и сите се согласуваме дека ова е историски момент кој мораме да го искористиме, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Членките на Алијансата сега ќе ги чекаат резултатите од преговорите помеѓу Финска, Шведска и Турција, и се надеваат дека ќе биде надминат проблемот, а двете земји ќе добијат кандидатски статус до самитот на алијансата во Мадрид, на крајот од јуни.
Игор Трајков
