Додека го славеше денот на победата над фашизмот, Русија продолжи со бомбардирањето врз Украина. Доцна синоќа гранати беа фрлени во најголемиот пристанишен град на Црното Море Одеса. Погоден беше трговски центар, кој е целосно уништен, а бидејќи во тек беше полицискиот час во градот, улиците беа празни. Украина вели дека Русија гаѓа со хиперсонични ракети, а освен трговскиот центар погоден е и еден хотел и магацин, и предупредуваат дека постои опасност руските сили да ги гранатираат хемиските погони. Во магацинот работела ноќната смена. Загина еден човек, а петмина се во болница со тешки повреди.
Овој магацин нема ништо заедничко со воената инфраструктура или воени објекти. Тука нема и никогаш немало складишта за муниција. Вака рускиот свет му го честиташе 9 мај на градот херој – Одеса, изјави ГЕНАДИЈ ТРУКАНОВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОДЕСА
Најновиот напад на Одеса дополнително ја забави трговската флота на пристаништето. Блокирано е украинското глобално доставување на пченицата која стои заробена во силосите, што не се случило од Втората Светска војна.
Украина е богата земја. Украина е кошницата со пченица во Европа и таа седи на пченица вредна 8 милијарди евра во моментов од минатогодишната жетва. Тие не можат да ја извезуваат, немаат пристап до морето. Ова е едно од клучните прашања што мора да ги решиме, бидејќи тие се работливи луѓе, истакнува ВЕРНЕР ХОЈЕР, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БАНКА ЗА ЕВРОПСКИ ИНВЕСТИЦИИ
Украинците веќе сеат во големи количини, и очекуваат добра жетва, но ако не се одблокира пристаништето, пченицата ќе остане да скапува во силосите, а се предвидува рапиден скок на цената на храната за 37%.
Во меѓувреме, Украина тврди дека оружјето кое го користи руската војска во најновите напади датира од советска ера и нема прецизност. Се поголема е загриженоста дека на Русија и недостига водена муниција и дека би можела да користи ракети кои би предизвикале голема колатерална штета. Доказ дека Русија не напредува во војната се и намуртените лица на руските политичари на вчерашната парада во Москва, смета и литванскиот министер за надворешни, кој смета дека единствениот начин да се спречи војната е да се отстрани Путин од власт.
Не само Путин, туку само целиот режим. Затоа што, знаете, некој може да се промени, Путин може да биде сменет од неговиот внатрешен круг. Но, друг Путин може да се појави на негово место. И така, се додека режимот со идеја да се водат војни надвор од територијата на Русија е на власт, земјите што ја опкружуваат се во опасност,смета ГАБРИЕЛИУС ЛАНДСБЕРГИС, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ЛИТВАНИЈА
Бројот на убиени цивили од почетокот на војната во Украина е со илјадници поголем од официјалната бројка од 3.381, соопштија од ОН. Црната дупка е Мариупол, каде хуманитарните ирганизации немаат пристап за да добијат точни информации.
Алиса Шутиноска
