Вселенската патријаршија ја почна постапката за признавање на МПЦ- ОА. Ова е одлучено денеска на заседанието на Светиот синод. Се отстранува повеќедецениската шизма и се става крај на расколот. Од МПЦ за Телма велат дека ова досега е најголемиот чекор кој води кон целосно признавање.
Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црквата предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
Од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија се вели дека по денешното заседание на кое исцрпно се дискутирало за црковниот проблем во Скопје и како и повторените повици од државата на Македонија, го одлучи следново:
Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“.
По повеќедеценискиот спор на нашата Црква со СПЦ и меѓународната изолација, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и во мај истата година Вселенската Патријаршија, одлучи да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори.
Оттогаш и државниот врв на Македонија упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.
Сепак, Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православната Црква. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.
Признавањето на каноничноста од страна на Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на речиси 70-годишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.
Алиса Шутиноска
