Руските сили продолжуваат со жестокото бомбардирање по линијата на фронтот во источна Украина, при што гувернерот на регионот Харков потврди дека во ракетен напад бил уништен и националниот музеј изграден во чест на украинскиот филозоф, Хрихориј Сковорода. Украинците сепак успеале навреме да ги отстранат експонатите од запалениот објект.
Војната за контрола на Донбас, не оди според плановите на Русија, оценуваат американските воени експерти, посочувајќи дека Украинските сили би можеле наскоро да ја спречат артилериската закана за вториот по големина град во државата Харков и на тој начин да ја загарантираат неговата безбедност.
Дека фокусот на борбите е во овој регион, потврдува и Украинската војска.
„Во насоката на Слобожанск, непријателот продолжува да ги гранатира населбите во близина на градот Харков. Во насоката на Изјум, тие вршат воздушно извидување за да ја откријат позицијата на нашите трупи. Во регионот на населбите Циркуни и Руски Тишки, окупаторите уништија три мостови за да ги успорат контра-офанзивните операции на одбранбените сили“, рече Павло Ковалчук, портпарол на генералштабот на вооружените сили на Украина.
Продолжуваат и обидите за евакуација на цивилите од челичарницата Азовстал, единствената локација во уништениот град Мариупол која не е под контрола на Русите. 50 цивили, меѓу кои и 11 деца, во операција координирана од Обединетите нации и Црвениот крст биле безбедно извлечени.
Што точно се случува околу Азовстал е невозможно да се каже, затоа што и Русите и Украинците не дозволуваат пристап на новинарските екипи во регионот, но според некои информации русите веќе влегле во дел од огромниот комплекс на челичарницата.
Очигледен е обидот на Русија, освојувањето на Мариупол да биде една од главните теми на големото воено дефиле во Москва на 9-ти Мај, денот над победата над фашизмот.
На црвениот плоштад денеска се одржа и генералната проба на воената парада, во која учествуваа повеќе од 11 000 војници, 130 различни делови воена техника и 77 борбени авиони, како и дел од воениот арсенал од минатото, од втората светска војна.
Украина сака поинаку да го одбележи 9-ти Мај, при што претседателот Зеленски испрати покана до претседателот и премиерот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер и Олаф Шолц да го посетат Киев на овој ден.
„Тој може да го направи овој многу важен политички чекор да дојде на 9-ти мај во Киев. Не ви го објаснувам значењето, мислам дека имате доволно култура да разберете зашто. Но понекогаш во историјата, мора да се преземат одредени чекори за единство, дури и постои еден вид студенило во конкретни односи“, изјави Зеленски.
Германија е дел од западната алијанса која ја поддржува Украина, но се уште не ја посетил државата. Минатите недели тој размени и остри зборови со Украинските власти заради одбивањето на власта на Зеленски да го покани претседателот Штајнмајер во Киев, кој е обвиуван дека бил премногу близок со Путин додека ја вршел функцијата министер за надворешни работи.
Во меѓувреме, Италија наредила заплена на јахтата вредна 700 милиони долари, која во моментов се поправа во пристаниште во Тоскана, а за која се шпекулира дека е поврзана со рускиот лидер, Владимир Путин.
Италијанскиот министер за финансии само потврди дека бродот „Шехерезада“ има силни врски со истакните елементи на руската влада.
Како дел од Европските санкции досега повеќе супер јахти на руските олигарси беа запленети во повеќе пристаништа во светот.
Никола Илиевски
