Вести Македонија Најважни

Една седмица по „Ванчо Михајлов“, Петков со идеја-да е кондуктер со Бугарија и ЕУ откако ќе ја качи Македонија на европски шини

Префрлање на ветото од пред преговорите, во преговарачката рамка, на самиот почеток на процесот за членство во Европската Унија, тоа е идејата на бугарскиот премиер Кирил Петков за бугарската кочница за Македонија.

-Ние всушност не треба да го дигнеме ветото ние треба да го преместиме ветото. Промената на Уставот да се случи пред првото од многуте 20 и колку поглавја што треба да се отворат. Пред првото поглавје да си го променат Уставот, изјави премиерот на Бугарија, Кирил Петков во интервју за бугарската НОВА.

-И ние да ги качиме на шините за во Европа, но критериумите кои треба да ги исполнат да се јасно определени од нас. И од она што го гледам, од владата на Димитар Ковачевски е дека тој е подготвен да тргне по тој пат. Даваме пат на РС Македонија кон Европа, но тој пат е исполнет со обврски и задолженија, јасно врамени со гаранција од цела Европа за напредокот кој ние како Бугари го посакуваме, рече Петков.

Во интервјуто за бугарската НОВА, Петков покрај сите жешки несогласувања во тамошната 4-члена  владина коалиција, како економската криза и испраќањето воена помош за Украина, најмногу време посветува токму за ветото со Македонија.

Интервју без прашања за „Ванчо Михајлов“ и Румен Радев

За отварањето во Битола, на бугарски културен центар крстен по соработник на фашистите, Петков ниту одговори ниту беше прашан зошто присуствуваше на настан кој предизвика огромна вознемиреност и гнев во македонското општество.

Немаше прашања ниту за навредите кон Македонците и провокативните квалификации изнесени од бугарскиот  претседател Румен Радев ниту за одговорот на претседателот Стево Пендаровски, ниту коментар за коментарот на бугарското МНР кое е дел од владата на Петков, но во раце на друга партија.

Цело време, тој се обидуваше да ја прикаже идејата за преместување на ветото на старт на преговарачкиот процес, како поддржана од ЕУ и како противодговор на националистичките удари од двете страни на границата.

-Јасно ни беше кажано и од г-ѓа Фон Дер Лајен при нејзината посета тука. Таа кажа јасно, „ние сме подготвени да бидеме гарант за тој процес“, „ние сме подготвиме да ја вметнеме промената на Уставот во преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија“ пред првото поглавје, тврди Петков.

НОВА,БГ: Многу луѓе ќе кажат Грција беше тврда и до последно остана на своите позиции, а сега да не стане ние да се превртиме?

-Тука, за прашањето да се разбере дека тоа не е едно вето и еден пат. Ако го кревавме ветото за да влезат во ЕУ и утре да станат членка-тоа е едно. Но кога го дигаме ветото и ги има сите тие поглавја кои треба да се исполнат, одговори Петков.

Вето подоцна преместено, ама сепак вето

Петков тврди дека бугарски интерес е и македонско членство во Унијата, но и менувањето на Уставот за како што смета поголеми права на бугарите во Македонија.

Ако го тргнеме ветото пред, ќе имаме можност на европско ниво да ги исполниме бугарските мечтаења, вели Петков кој гледа опасност токму за тие желби во инсистирањето се да се реши пред почеток на преговори.

-Најглупавото нешто што можеме сега да го направиме и е против бугарскиот интерес е да се сопнеме и да кажеме „бараме сè што сме мечтаеле да се случи, да се случи пред подигнување на ветото“. Тогаш најверојатно националистичките сили во Северна Македонија ќе ја преземат власта таму и тогаш шансите да се запази нашиот бугарски интерес е блиску до нула. Сега имаме нормална влада таму и тaa е подготвенa да ги преземе ангажманите со европски договор, истакна Петков во интервју за бугарската телевизија НОВА.

Сепак, и покрај ваквите идеи, Петков едноставно потврди- во јуни нема шанси, Софија да го дигне ветото.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во јуни загинаа најголем број украинските цивили од април 2022 година

Дејан Дејан

Франција повторно падна во полуфинале против Шпанија

Sportska Redakcija

Илон Маск веројатно го прекршил законот давајќи им на гласачите 1 милион долари – утврди изборната комисија во Висконсин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе