Говор на омраза, препознала официјална Бугарија од страна на политичарите, академската заедница и медиумите во Македонија.
Ова е изнесено во последното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи, кое следи по актуелните случувања со клубот „Ванчо Михајлов“.
Поставувајќи се во улога на жртва, во ситуација кога дел од критичката јавност оцени дека Бугарија се служи со провокации во чувствителен период за преговорите, од тамошното МНР обвинија дека се води антибугарска кампања и побараа градење поволна средина за Бугарите во Македонија.
„Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за добососедство и формиравме Заедничка комисија за историски прашања.“ – тврди бугарското министерство за надворешни работи.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, коментирајќи ги официјалните ставови на македонските власти за ликот и делото на Ванчо Михајлов, вчера кажа дека вистинскиот фашизам бил во Македонија, зборувајќи за десет илјади убиства на Бугари во концентрациони логори.
За македонската страна, оваа изјава уште веднаш беше окарактеризирана како полна со лажни податоци, за кои не постојат релевантни историски извори во архивите – ниту во нашата, но ни во бугарската и светската историја.
Претседателот Пендаровски кажа дека во Македонија никогаш немало концентрациони логори, а бројката од илјадници наводно убиени Бугари е лага и е гола конструкција за политички цели.
Овде никој не бил убиен само поради тоа што се чувствува како Бугарин, вели историчарот Александар Литовски.
Тој во минатото беше член на македонско-бугарската Комисија, а сега смета дека треба сè погласно да се зборува за историските вистини и минатото.
„Настрадаа мал број на соработници на фашистичкиот окупатор меѓутоа никој не бил убиен само заради тоа што се чувствува како Бугарин. Од друга страна, обратна е ситуацијата бидејќи има безброј македонски жртви од страна на бугарската војска и полиција кои од 1941 до 1944 година го имаа окупирано Вардарскиот дел на Македонија. Бугарските официјални лица се однесуваат согласно старата народна поговорка „држете го крадецот“ бидејќи Бугарија треба да одговара за некакви злосторства во Втората светска војна, а не обратно.“ – порачува историчарот Александар Литовски.
Изнесувањето на историски факти и вистини не што не е контрапродуктивно за македонската страна туку и премалку се потенцираат истите, смета Литовски.
„Бугарија за време на Втората светска војна беше соучесник на Хитлер, Мусолини и останатите членови на големата фашистичка коалиција и од тој аспект гледано, Македонија нема никаква потреба да ги крие тие факти како што дефанзивно досега многу често се случуваше.“ – додава Литовски
Но, бидејќи Бугарија провоцира со потези како отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“, Литовски вели дека време е и Македонија да зборува повеќе за жртвите од минатото.
Петар Догов
