Вака српскиот претседател Александар Вучиќ го прослави освоениот втор претседателски мандат и убедливата победа на неговата Српска напредна партија, синоќа во партиското седиште на Нов Белград.
Пред новинарите и членовите на неговата партија зборуваше речиси еден час. Со неговата препознатлива театралност, прогласи победа на изборите и се спореди себе си со Никола Пашиќ.
Вториот петгодишен претседателски мандат Вучиќ го почнува со околу 60% добиени гласови, додека неговиот најсериозен противник, поранешниот генерал Здравко Понош од опозициската коалиција Обединети за Србија освои околу 17% од гласовите.
Српската напредна партија која ја предводи Вучиќ и која е на власт цели десет години ја задржа водечката позиција со добиени 43%од гласовите. Првичните проекции покажуваат дека СНС би имала над 123 пратенички места, што е блиску до мнозинство во српското собрание со 250 пратеници. Вучиќ верува дека неговата партија ќе може сама да формира влада.
Што се однесува до опозициската коалиција Обединети за Србија го призна поразот, велејќи дека ова е почеток на крајот на владеењето на Вучиќ. Според нивните проценки, оствариле добар резултат во сите урбани места и ветија дека нема да ја изневерат довербата на гласачите.
Вучиќ не коментираше многу за резултатите од локалните избори. Првичните официјални резултати треба да бидат објавени вечерва, а конечните на седми април.
Марија Дивитарова
