Вести Македонија Топ вести

Експресен воз за унапредување во полицијата, но и забрана за полицајците да се членови во партија

Околу 400-тини полицајци само оваа година треба да заминат во пензија. И додека трае одливот на полицајци со бенефициран стаж, во Собранието пред гласање дојдоа измените на законот со внатрешни работи во кои меѓу другото се забранува членување на полицајци во политички партии. Опозицијата пак реагира затоа што со новиот закон ќе се овозможи унапредување до три позиции повисоко во полициската хиерархија.  

Пензионерски бран го зафаќа МВР откако само оваа година во пензија ќе заминат околу 400-тини припадници на полицијата. Само во овие неколку години треба да се пензионираат стотици полицајци кои кариерата ја почнале во првите години по осамостојувањето на државата.

Сега веќе законски им е забрането да го продолжуваат работниот стаж до 3 години затоа што законската можност за продолжување е укината. Покрај тоа, полицајците се единствените кои може да одат со бенефициран работен стаж во пензија, па често се случува полициските службеници во пензија да заминуваат на 50-тина години возраст.

И додека се подготвува пензионерскиот бран, во Собранието до гласање стаса предлог за измена на Законот за внатрешни работи. Се воведуваат повеќе антикорупциски мерки односно се враќа назад обврската полицајците да поднесуваат анкетен лист за имотната состојба.

Но со измените на законот, чија расправа помина на 64-тата седница на парламентот и дојде до гласање кое ќе се се случи кога ќе се собере тенкото мнозинство, се воведува и брзо унапредување.

Со новиот закон се дозволува наместо досегашното едно скалило напред во полициската хиерархија, унапредувањето да може да биде до три позиции повисоко –а сето тоа ќе се спроведува преку комисија.

Армиски пандан на ваквото полициско унапредување е поручник да биде директно унапреден во потполковник или пак мајор да скокне за три чина во генерал.

Опозицијата ја губи битката во Собранието за овој закон, но смета дека е недозволиво вакво експресно унапредување контролирано од комисија формирана од министер.

-Со овој Закон, Спасовски сето ова го занемарува и го уништува системот на кариера, односно правилниот развој на вработените во  Министерството за внатрешни работи. На овој начин, лице кое е примено вчера на работа, може да биде унапредено и да му стане претпоставен на лицето кое го примило на работа, односно на неговиот довчерашен шеф кој е со децениско искуство и поминати обуки. Не постои ниту една ЕУ држава каде што законски на министерот му е овозможено да си унапредува без критериуми дури по 3 нивоа одеднаш, рече Драги Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој тврди дека законските измени не се по препораките на ГРЕКО и ОБСЕ, ниту пак има политички консензус за измените особено во делот на унапредувањето.

Од СДСМ пак тврдат дека опозиционата партија лаже затоа што антикорупциските правила за полицајците се таква препорака.

-Како нов услов за засновање на работен однос е предложено кандидатот да има положено Тест за интегритет. За постојните работници, заради спречување на корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на секој работник, се предлага да се врши проверка на интегритетот, преку спроведување тест за професионален интегритет, соопшти СДСМ.

Во соопштението, СДСМ не реагира за делот со унапредувањето до максимум три позиции повисоко.

Со законските измени покрај имотните листови и тестот за интегритет е предвидена и забрана за членување на полицајци во политички партии, што беше дозволено од 2008-ма година.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Пронајдена поголема количина кокаин – маж од скопски Брест лишен од слобода

Дејан Дејан

Осомничениот за нападот во Берлин е застрелан од полицијата во момент кога сакал да нападне со остар предмет

Дејан Дејан

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе