Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, при денешната посета на компанија во Тетово, заедно со директорот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дриљон Исени, истакна дека се зголемува бројот на дуални паралелки во земјава.
Во 2020 имало 11, во 2021 над 90, додека оваа година се предвидени над 150 дуални паралелки. За Шаќири позитивен знак е и стипенидијата за учениците, како и поддршката од компаниите.
Тој ги повика компаниите да соработуваат со локалната самоуправа и Ценарот за стручно образование, за да развиеме учебни програми за потреби на пазарот на трудот.
„Јас гледам позитивна работа и сите треба да разбереме затоа што стручното образование не застанува на патот на продолжување на високото образование. Тој што ќе го продолжи стручното образование може да го продолжи исто така и високото образование затоа што е запишан во стручното образование. Ние треба да го гледаме како можност и за учење, но и за добивање на професија, како во оваа компанија, ќе имаат можност да се вработат. тоа е агендата и стратегијата на компанијата. Освен што ќе се вработата имаат можност да бидат унапредени“, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
„Оваа иницијатива се однесува на основање и функционирање на тренинг центар, за полошкиот регион, не би рекол само за Тетово, да имаат можност да се квалификуваат и да добијат пракса за тоа што го учат, а знаеме дека досега во образовниот систем кај нас не се третирало како што треба овој аспект“, рече директорот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дриљон Исени.
На новинарски прашања министерот Шаќири одговори дека новиот концепт за основно образование продолжува со второ и петто одделение и дека ја прифаќа препораката на Комисијата за заразни болести основците да не носат маски.
„Претходната година почна и новиот концепт за основно образование, кога имавме почеток за прво и четврто одделение, продолжуваме со второ и петто. Педагошката служба ги подготвува сите потребни документи за да има повик за автори за конкретните учебници. Исто така со новиот концепт се менуваат и учебните програми, што носи потреба за нови учебници“, изјави министерот Шаќири.
„Ако таа препорака е прифатена од Владата и Комисијата значи децата во основно образование ќе одат без маски. Но, за мене е важно дека сите препораки доаѓаат од Комисијата за заразни болести и секоја препорака е од нив е добредојдена и во конкретната ситуација ако тие процениле дека маските за децата не се потребни јас ја прифаќам таа препорака“, изјави министерот Шаќири.
