Вести Најважни Свет

Продолжуваат борбите во Украина – двете страни тврдат дека бележат успеси

Руските трупи во Украина стануваат се повеќе деморализирани а се зголемува и ризикот тие да бидат целосно обиколени во предградијата на Киев, тврдат во своите последни извештаи западните разузнавачки агенции.

Истовремено и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, тврди дека градот Ирпин, каде во последните неколку недели се водат жестоки борби, речиси целосно е под контрола на Украинските сили.

Главни цели на непријателот и натаму се воената и цивилната инфраструктура во регионите Киев, Чернихив и Харков. Воздушните сили на вооружените трупи на Украина ги концентрираа ракетните и воздушните напади на непријателот, воздушната одбрана на значајните објекти во Украина и нашите трупи. Во претходниот ден беа погодени 11 непријателски воздушни цели, 7 авиони, еден дрон, еден хеликоптер и два проектили, изјави Олександр Шпутун, портпарол на украинскиот генералштаб.

Воени успеси на борбениот терен пријави и руската страна. Портпаролот на руското министерство за одбрана , Игор Конашенков, изјави дека Русија целосно ја презела контролата на градот Изјум во источна Украина, каде минатите денови се водеа жестоки борби.

До утрото на 24-ти март, единиците на руската армија презедоа целосна контрола на градот Изјум во регионот на Харков. Во текот на вечерта на 23-ти март и минатата ноќ, воените цели на украинските вооружени сили беа погодени со високо-прецизни проектили со долг дострел од поморски и воздушни вооружени системи, вели Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана.

Руските сили продолжиле и со бомбардирањето на цели во Киев, Чернихив и Харков.

И натаму најтешка е ситуацијата во градот Мариупол во јужна Украина, каде повеќе од 100 000 луѓе се заробени од воените судири без храна, вода или електрична енергија.

Луѓето се кријат во подрумите и подземните скривници, додека во жестокото руско бомбардирање целосно уништени или оштетени се огромен дел од станбените објекти во градот, каде пред војната живеа околу 400 илјади луѓе.

Обидите да се отворат хуманитарни коридори низ кои цивилите би може да заминат или пак да се достави хуманитарна помош досега не беа успешни.

Географски, Мариупол на азовското море е само мала точка на мапата, но има клучно стратешко значење за руските трупи од полуостровот Крим и нивниот обид да се поврзат преку земја со проруските сепаратисти во источна Украина, во регионите Доњецк и Луганск . Но, украинските сили досега не попуштаат и жестоките борби продолжуваат. Градските власти оваа недела го одбија и ултиматумот од руската страна, украинската војска да се предаде во замена за достава на хуманитарната помош.

Никола Илиевски

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рокас се надева на скоро решение за и Македонија да го фати чекорот на проширувањето

Tea Dimkovska

Брисел го забрзува темпото на проширувањето со денешниот „Супер вторник“ како „највозбудлив“ доказ

Tea Dimkovska

Костадиновски: Имаме сериозно примитивна политичка култура

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе