Повеќе од половина од ректорите на државните универзитети во Македонија се на функција над 2 мандати, а дел од останатите ја извршуваат функцијата околу 10 години, велат од Форумот за образовни промени. Според извршниот директор на Форумот, такви примери има на Тетовскиот, на универзитетите во Битола и Штип, на УКИМ и др. Ректорите на тие универзитети управуваат со високообразовните институции без јасни визии и развојни стратегии, за што со години сведочи нискиот рејтинг, мерен според Шангајската листа, Вебометрикс и Университи Ренкинг, вели директорот Ходаи.
- Проблемот е дека не може да бидеш ректор 6 години , а да не постигнеш ништо, а институцијата што ја водиш е деградирана секоја година, вели Бленди Ходаи- извршен директор на Форум за образовни промени
Поставувањето на функцијата и долгогодишниот монопол на универзитетите, ректорите го обезбедуваат преку врски со политичарите , наместо да им бидат на услуга на студентите. Од Форумот бараат политиката да се дистанцира од високото образование, изборот на ректор да се врши транспарентно и да се формира тело кое ќе ja спречи монополизацијата на државните универзитети.
- Бараме создавање на Независен одбор кој ќе го мери успехот на државните универзитети во нашата држава. Целта е да се демонополизира високото образование преку спречување реизбори на ректори кои се покажале како неспособни за квалитетно вршење на нивната функција, вели Ходаи.
Форумот за образовни промени заедно со уште 6 невладини, потпиша Декларација за нивно вклучување во решавањето на проблемот со монополизацијата на државните универзитети. Иако побаравме, од МОН не добивме одговор за реакциите на Форумот.
Сотир Трајков
