Дисциплинска постапка е отворена за скопски обвинител кој не ги работел предметите кои му биле доверени.
Државниот обвинител Љубомир Јовески одлучил дека истиот обвинител привремено ќе мирува се додека не заврши постапката против него.
Со вонреден надзор кој го извшри Вишото обвинителство е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите кои му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка и не донел никаква одлука.
Во еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење, се вели во соопштението од обвинителството. Отворени се и други четири постапки против обвинители од внатрешноста.
За тетовски обвинител е донесено решение за оддалечување од функцијата, на обвинител од Битола му е скусена платат за 20% во траење од четири месеци, во Ресен му е намалена плата на обвинител за 30 проценти, четири месеци, додека една постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид е во тек.
Од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител од мај лани ова е петта поведена дисциплинска постапка за јавен обвинител.
Пред Советот на јавните обвинители уште тројца јавни обвинители се жалат на дисциплински одлуки изречени по стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник.
