Од почетокот на руско-украинскиот конфликт, па досега, според информациите на Министерството за внатрешни работи, во земјава влегле 1.924 украински државјани, а на излез од државата во овој период се регистрирани 1.365, потврди владиниот портпарол Душко Арсовски.
Досега, како што посочи тој во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, нема лица кои побарале статус на бегалец и сите кои доаѓаат се сместуваат кај роднини или пријатели.
Македонија не е на рутата на бегалци од војната во Украина на начин каков што гледавме претходните години во однос на бегалската криза од војната во Сирија. Независно од тоа Владата презема конкретни чекори и беа задолжени министерствата за труд и социјална политика, за здравство, за финансии, за надворешни и за внатрешни работи да преземат мерки за организирано прифаќање на евентуални бегалци и нивно сместување. Министерството за финансии беше задолжено да обезбеди 120 милиони денари за хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓани на Украина кои би дошле во Македонија. Досега според последните информации нема лица кои побарале статус на бегалец. Сите оние кои доаѓаат се сместуваат кај роднини и кај пријатели, рече Арсовски.
