Една изборна единица, со пропорционален изборен модел, без изборен праг и со Донтов начин на пресметка на бројот на пратеници.
Овој предлог на помалите партии, ќе оди на јавна расправа откако, по една година од поднесувањето, мнозинството во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, го поддржа во првата фаза.
Помалите партии бараат една изборна единица, наместо сегашните шест, за да им се даде шанса да освојат повеќе пратеници и да се демонтира монополот на големите партии со кои мора да коалицираат за да влезат во Парламентот.
На тој начин, велат, нема да се „фрлаат во корпа“ гласовите на тие што гласале за помалите партии, а секој пратеник ќе има иста тежина.
Големите партии од македонскиот блок го поддржаа законот во оваа фаза. СДСМ, на кои ова им е и предизборно ветување, сега бараат целосен консензус со сите партии.
Од партиите на Албанците се категорично против. Алијанса за Албанците сметаат дека, на тој начин ќе имаат помал број пратеници и, наместо намалување, бараат проширување на 8 изборни единици. ДУИ прифаќаат дебата, но се против менување на бројот на изборни единици.
Во земјава се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои се избираат по 20 пратеници.
Ова ги намалува шансите на малите партии, кои не успеваат да добијат пратеник повеќе, и покрај тоа што на државно ниво освоиле повеќе гласови.
Далиборка Демјанска Цветановска
