Украина го одби ултиматумот на Москва, до 3 часот изутрина по локално време да го предаде уништениот град Мариупол и да го положи оружјето, во замена за повлекување на руската војска. Заменик претседателката на украинската Влада, Ирина Верешчук вечерва изјави дека е одбиена руската понуда за предавање на Мариупол, и дека „нема шанси за некакво предавање“.
– Има осум страници на кои пишува за историја и други глупости. Тие го испратија истото писмо до ОН, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и се надеваа дека меѓународните структури ќе реагираат и ќе почнат да вршат притисок врз Украина. Тоа не се случи. МКЦК и ОН разбираат дека тоа е руска манипулација и дека луѓето се држат како заложници, истакна таа.
Украина бара Русите итно да ги отворат хуманитарните коридори.
– Не може да се зборува за никакво предавање, за положување на оружјето. За тоа веќе ја информиравме руската страна. Напишав: Наместо да губите време на осум страници писма, само отворете го коридорот, изјави Верешчук.
Во саботата, градскиот совет на Мариупол ја обвини Москва дека незаконски и на сила натерала илјадници жители на градот да пребегаат во Русија.
