Четвртиот круг преговори меѓу Украина и Русија ќе продолжи утре, откако вечерва ќе бида направена техничка пауза, како што соопшти украинската страна. За прв пат од почетокот на инвазијата и преговорите, и од двете страни по одржаната видеоконференција пристигнаа позитивни оценки.
Но додека се одржуваа преговорите продолжија борбите и меѓусебните обвинувања за гранатирање станбени квартови.
Руската федерација тврди дека постигнале успех. Успехот, според нивна гледна точка е убивањето мирни граѓани, главно мажи и жени. Не е важно дали е Киев или некој друг град, тие пукаат само на станбени квартови. Таму постигнаа, како што тие велат, успех, изјави портпаролот на украинското Министерство за одбрана Леонид Матикин.
Претходно Москва обвини дека украинската армија со касетни бомби гранатирала населба во Доњецк, при што загинале 20 цивили а 28 биле повредени. Министерството за одбрана предупреди и дека ќе продолжи да ги напаѓа странските платеници кои се борат на страната на украинската армија.
Познати ни се сите локации на странските платеници во Украина. Отсега па натаму тие ќе бидат таргетирани со прецизни напади, слични како уништувањето на 13 март на капацитетите за обука во Старичи и Јаворовск воениот тренинг камп. Сакам повторно да предупредам дека нема да има милост за платениците каде и да се наоѓаат на територијата на Украина, порача портпаролот на руското министерство за одбрана игор конашенков.
Откако се појавија информации за нови експлозии во близина на најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорожје, која веќе 10 денови е под контрола на руската армија, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, побара да биде зачувана безбедноста на нуклеарните капацитети.
Зголемувањето на подготвеноста на руските нуклеарни сили е застрашувачки развој. Можноста од нуклеарен конфликт, порано незамислива, сега е повторно во доменот на реалноста, оцени Гутереш.
По 19 денови бомбардирања и борби ситуацијата за украинските цивили, особено во опсадените градови станува критична. Во градовите како Харков и Мариупол загинатите се погребуваат во масовни гробници, затоа што поради борбите е оневозможен пристапот до гробиштата, а многу често тоа се случува и без потребните верски обреди.
Игор Трајков
