Поранешна ТВ-презентерка Бесмира Ејупи, која Владата сакаше да ја испрати за генерален конзул во Њујорк, за нецела година инкасирала буџетски средства од скоро 12 илјади евра преку 39 трансакции реализирани во текот на ланската и тековната година, пишува најновиот број на неделникот Фокус.
Според податоците од базата „Отворени финансии“, Ејупи во периодот 2021-2022 година фигурира како примател на средства од 5 буџетски органи под ставката 425990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“.
Притоа, најмногу трансакции и најголема исплата кон Ејупи е регистрирана од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, од каде преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруари годинава.
Но од таму денеска за Фокус одговориле дека Ејупи ја ангажирале за извршување на повеќе работни задачи поради недостиг на соодветен кадар, кој, како што истакнуваат, не можел да се обезбеди преку постапките за редовни вработувања.
Но, ист број на трансакции кон Ејупи се регистрирани и од Општина Чаир, во вредност од околу 1.500 евра.
Од Општина Сарај биле извршени десет трансакции, а нивната вкупна сума е околу 3.400 евра.
Она што е заедничко за овие две скопски општини е тоа што тие се предводени од градоначалници од редовите на владејачката ДУИ – Висар Ганиу и Блерим Беџети.
Сепак, Ејупи фигурира на платниот список и на Општина Петровец, која е предводена од долгогодишниот градоначалник од моментално опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Борче Митевски. Од буџетот на оваа Општина на личната сметка на Ејупи легнале вкупно 160.000 денари или околу 2.600 евра преку 6 трансакции, така што 5 од нив се во износ од по 20.000 денари, а една изнесува 60.000 денари, што всушност претставува најголема поединечна трансакција.
На крајот, една исплата кон Ејупи во износ од 20.000 денари е регистрирана и од руралната тетовска општина Брвеница, каде на последните локални избори победи Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, треба да се нагласи дека исплатата датира од април лани, кога градоначалник беше Енвер Пајазити од ДУИ, открива ФОКУС.
