Прекин на огнот за да се овозможи безбедна евакуација на цивили и да се достави хуманитарна помош за Украинските градови кои се под жестоки напади или опсада на руските сили – ова е единствениот резултат од денешните, втори преговори меѓу високи претставници на Русија и Украина, кои се одржаа во Белорусија.
Украинскиот преговарач и советник на Зеленски, Михајло Подољак со големо жалење изјави дека последните разговори со Русија не довеле до посакуваниот резултат.
Сепак, според Подољак постигнат е делумен напредок.
„Страните постигнаа разбирање за заедничко обезбедување на хуманитарните коридори за евакуација на цивилите, како и за доставување на лекови и храна до локациите каде се водат најжестоките борби со можноста, подвлекувам со можност за привремен прекин на огнот во секторите за евакуација во текот на времето на евакуација. Тоа значи дека нема да биде насекаде“ – изјави Михајло Подољак, советник на претседателот Зеленски.
Еден од руските преговарачи, Леонид Слутски, додаде и дека следната рунда преговори, кои треба да се оддржат во најскоро време, може да доведе до договори, кои потоа би требало да бидат ратификувани од парламентите на двете земји.
Рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето до членовите на државниот Совет за Безбедност, порача дека специјалната воена операција во Украина, терминот кој Кремљ го користи за инвазијата врз својот сосед, оди според планот, оддавајќи им почит на руските војници кои според него се борат како херои.
Тој најави и дека на семејствата на загинатите и ранетите руски војници ќе им биде доделена парична помош.
„Почитувани другари, сакам да кажам дека специјалната воена операција се одвива целосно според нашата замисла, нашиот план. Сите зацртани цели успешно се остваруваат“ – тврди рускиот претседател Путин.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска побара од Западните земји ако веќе стравуваат да го прогласат небото над Украина за забрането за летови, стравувајќи од директен судир меѓу НАТО и Русија, тогаш барем да и обезбедат на неговата држава борбени авиони.
Обраќајќи му се директно на Путин, тој го повика на директни преговори, во обид да најдат мирно решение за прекинување на војната.
„Ние не ја напаѓаме Русија и нема да ја нападнеме. Какви гаранции тие сакаат? Дали ние сме во НАТО? Не. Дали имаме нуклеарно оружје? Не. Што сакаш ти од нас? Оди си од нашата земја. Не сакаш сега да си одиш? Седни со мене на масата за преговори. Јас сум подготвен. Седни со мене, но не на 30 метри, како што се сретна со Макрон и Шолц и другите. Јас сум твој сосед“ –му порача на Путин, украинскиот лидер Зеленски.
Ситуацијата на боиштата во Украина станува се потешка за бранителите, за украинската војска и доброволците, кои се под жестоко руско бомбардирање на повеќе локации.
Харков, Мариупол и Киев се на удар на руските проектили, борбени авиони и артилериски напади во кои страдаат и цивилните објекти покрај воените инсталации.
Никола Илиевски
