Бебето, родено во Харков, заедно со родителите, што пред два дена, беше евакуирано од градот преку безбедноснен конвој, се уште ја немаат напуштено Украина, потврдија за Телма членови на семејство.
Во Украина остануваат уште македонски државјани и членови на нивните семејства, кои не може да стигнат до безбедносните коридори за да бидат евакуирани.
Граничните премини на Украина со соседните земји се преплавени од бегалци.
Вака е на границата со Унгарија. Некои од луѓето патувале цело деноноќие за да избегаат од руските напади.
Воените сили го бранат градот, и така ќе продолжи. Не знам, во секој момент секоја минута ќе бидеме бомбардирани или нешто. Бидејќи Харков беше бомбардиран и Киев беше бомбардиран. Бегаме од тоа. Од средна Украина, каде што живеев, пребегавме овде. 24 часа, околу 24 часа, и уште чекаме. Одам во Будимпешта сега.
За само седум дена, еден милион луѓе ја напуштија Украина објави Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации од каде велат дека ваков брз егзодус на еден народ не е виден досега.
Најпогодена од бегалскиот бран е Полска. Од почетокот на конфликтот до сега, Полска прими речиси 600 илјади луѓе. Само вчера во земјата влегоа 95 илјади. Полска е дом на голема украинска заедница, која се проценува на меѓу еден и два милиони, а многу луѓе кои бегаат од војната отишле кај роднини или пријатели. Оние кои немаат каде да одат, се сместуваат во импровизирани центри во противпожарни станици и спортски сали низ земјата.
Украински бегалци и натаму пристигаат и во Романија.
Денес стотици илјади луѓе бегаат од бомбите на Путин. Ги оставаат своите домови и нивните животи зад себе. Понекогаш пешачат со часови на снег, со мали деца за да стигнат на безбедно во Европската унија. Најмалку еден милион луѓе досега ја напуштија Украина, ги поминаа нашите граници, а Романија пречека речиси 150.000 и им обезбеди храна и засолниште.
Европската комисија се подготвува да им даде привремена заштита на бегалците. Ако се прифати предлогот на Комсијата тоа ќе значи право на работа, здравствена заштита и образование.
Марија Дивитарова Савановиќ
